ЕВРОПА Ѝ ЧЕСТИТА НА СРБИЈА Вратите на ЕУ се отворени, земјата отвори ново поглавје

Подготвени сме да ги поддржиме реформите во областа на владеењето на правото, слободата на медиумите, борбата против корупцијата и ви зајакнувањето на демократските институции, како и заеднички да работиме на напредокот на Србија кон иднина во Европската Унија, порачаа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во заедничка порака.

0

Лидерите на Европската Унија ѝ честитаа на Студентската листа за победата на предвремените парламентарни избори во Србија и најавија поддршка за реформите и за напредокот на земјата кон членство во ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта објавија заедничка порака на социјалната мрежа Икс, во која ја поздравија излезноста на граѓаните и ја истакнаа подготвеноста на Унијата да помогне во реформскиот процес.






„Денеска граѓаните на Србија излегоа во рекорден број за да ја обликуваат иднината на својата земја. Ѝ честитаме на листата ‘Студентите победуваат’ за победата на парламентарните избори. Подготвени сме да ги поддржиме реформите во областа на владеењето на правото, слободата на медиумите, борбата против корупцијата и ви зајакнувањето на демократските институции, како и заеднички да работиме на напредокот на Србија кон иднина во Европската Унија“, порачаа Фон дер Лајен и Кошта.

Европската комесарка за проширување, Марта Кос ѝ честиташе на Студентската листа и оцени дека за Србија би можело да започне ново политичко поглавје.

„Србија јасно ја кажа својата волја“, напиша Кос, потсетувајќи дека граѓаните во голем број излегле на гласање по речиси 2 години протести на кои барале демократија, владеење на правото и борба против корупцијата. Таа нагласи дека станува збор за основни вредности на Европската Унија.

„За Србија може да започне ново поглавје. Вратите на ЕУ се отворени и подготвени сме заедно да продолжиме напред“, порача Кос.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, им честиташе на победниците и го поздрави прифаќањето на изборниот резултат од страна на лидерот на СНС, Александар Вучиќ, како и неговата изразена подготвеност за мирен демократски трансфер на власта.

„Советот на Европа е подготвен да соработува со демократски избраното раководство на Србија за зајакнување на човековите права, демократијата и за владеењето на правото. Вашата истрајност, енергија и посветеност на европските принципи и иднината на Србија ве доведоа до оваа точка. Можете да сметате на нашата поддршка“, напиша Берсе на Икс.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар објави на Икс дека телефонски разговарал со претставници на Студентската листа и им честитал за изборниот резултат.

„Ги уверив дека ја имаат поддршката на Унгарија. Ми беше драго да слушнам колку сила им даде нашата победа во април во текот на оваа тешка борба“, напиша Маѓар.

Претходно тој објави дека по прогласувањето на победата на Студентската листа започнале прослави низ градовите во Србија. Притоа алудираше на сопствената изборна победа над поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан.

Европратеникот Тонино Пицула, известувач на Европскиот парламент за Србија и член на Социјалдемократската партија на Хрватска објави дека граѓаните на Србија со убедливо мнозинство одлучиле каква иднина сакаат.

„Оценката на изборниот процес треба да им се препушти на набљудувачите, но волјата на гласачите заслужува целосно почитување. Сега е време за владеење на правото, реформи и за институции што им служат на сите граѓани. Тоа треба да биде патот кон ЕУ“, порача Пицула.

Меѓу првите европски политички организации што ја поздравија победата на студентската листа беа Европската зелена партија и Европската демократска партија.

Копретседателите на Европската зелена партија, Вула Цетси и Киаран Каф, им честитаа на студентите и на граѓаните низ Србија кои се мобилизирале за одговорност, демократија и иднина без корупција.

„Сега Европа мора да застане зад народот на Србија. Ја повикуваме Европската Унија да го поддржи повторното воспоставување на владеењето на правото, обновата на демократските институции и борбата против корупцијата. На Србија ѝ е потребен веродостоен и забрзан пат кон членство во ЕУ, заснован на вистински демократски реформи. За европските зелени, местото на Србија е во Европската Унија“, порачаа тие.

Сандро Гоци, генерален секретар на Европската демократска партија, која припаѓа на европскиот либерален центар, оцени дека изборниот резултат претставува исклучителна победа за демократијата, слободата и иднината на Србија.

„Ние, европските демократи, сме неизмерно горди. Стоевме покрај српските студенти во текот на целата нивна борба затоа што веруваме во европската иднина на Србија – иднина чие остварување Вучиќ стана најголемата пречка“, порача Гоци.

 

Поврзани содржини