ДВОМЕСЕЧНО БЕБЕ ПОЧИНА ВО БОЛНИЦАТА ВО КАВАДАРЦИ Било хоспитализирано по обилно повраќање
По итен повик од мајката вчера (14 јануари), поради тоа што бебето престанало да дише, веднаш бил повикан дежурен педијатар, а во истиот момент и анестезиолог, појаснува болницата.
Во Општата болница во Кавадарци синоќа околу 21:35 часот починало бебе на возраст од два месеца, информира Секторот за внатрешни работи Велес.
Според официјалните податоци, бебето било хоспитализирано на 12 јануари 2026 година. И покрај интервенцијата на медицинскиот персонал и спроведената реанимација, бебето починало.
По наредба на јавен обвинител, телото на бебето е предадено на обдукција за утврдување на причините за смртта. СВР Велес информира дека во тек е истрагата за случајот.
Болницата во Кавадарци информира дека бебето било примено поради обилно повраќање по хранење.
Во соопштение до јавноста, директорката Гордана Ѓорчева-Камчева изрази сочувство до родителите и појасни каква била здравствената состојба на бебето при неговата хоспитализација.
„Доенче со иницијали У.М., на возраст од два месеца, беше примено на Одделот за педијатрија на 12.01.2026 година, поради обилно повраќање по хранење. Во текот на деновите кога е тука, на нашиот оддел, детето е со уредни параметри и уредни лабораториски анализи, без повраќање“ – информираше директорката.
По итен повик од мајката вчера (14 јануари), поради тоа што бебето престанало да дише, веднаш бил повикан дежурен педијатар, а во истиот момент и анестезиолог.
„Започната е реанимација со соодветна терапија која траела околу 35 минути, но, за жал, без успех. По констатирањето на смртта, согласно законските процедури, известени се надлежните служби – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Земени се изјави од родителите и од дежурниот медицински персонал, по што телото на доенчето е предадено на обдукција, со цел утврдување на точната причина за смртта“, појасни директорката.