Здравството во 2026 – од темели до систем што планира, превенира и штити

Нашата обврска е да преминеме од вчерашната реалност на преполни болници, лекари под огромен притисок, системи што постојано се обидуваат да балансираат меѓу ограничени ресурси и сè поголеми очекувања од граѓаните, кон иднина исполнета со здравство водено од податоци, паметни болници, дијагностика поддржана од вештачка интелигенција и технологии што не само што реагираат, туку превенираат и предвидуваат.

387

Во втората половина од 2025 година ја презедов одговорноста да го водам Министерството за здравство со јасно поставена цел -здравството да нема потреба од импровизација, туку од архитектура. Од првиот ден, мојот фокус не беше да ветувам брзи решенија, туку да поставам одржливи темели за систем што внимателно планира, мери, се пресипитува и континуирано се подобрува.

Втората половина од 2025 година беше период на поставување развојна насока. Време исполнето со внимателно слушање на здравствените работници, темелна анализа на податоците, со цел реално согледување на состојбата во здравството. Овој процес се одликуваше со тивка и структурирана работа, затоа што трајните промени во здравствениот систем бараат јасност и трпение.






Од задоцнета реакција кон управување во реално време

Една од клучните пораки што ја истакнав на мојата прва прес-конференција беше дека одлуките во здравството мора да се носат врз основа на реални податоци, а не на интуитивно чувство или моментален надворешен или внатрешен притисок. Во месеците по јуни 2025 година започна поставувањето темели на новиот пристап, насочен кон навремено препознавање на ризиците пред тие да се претворат во проблем за граѓаните.

Во 2026 година, овој пристап станува стандард. Целта е Министерството за здравство да функционира како систем што во реално време ги следи капацитетите, оптоварувањата и човечките ресурси и интервенира со промислени, проактивни, а не реактивни мерки.

Инвестиции што создаваат капацитет и рамномерност

Оваа година означува важна фаза на капитални инвестиции, кои се резултат на анализите и планирањето започнати во втората половина од 2025 година. Со инвестиција од 205 милиони евра, ќе напредуваат проектите за клиничките болници во Штип, Тетово и болницата во Кичево. Овие инвестиции нема да бидат само градежни зафати, туку дел од инфраструктурна политика за јакнење на регионалните капацитети и намалување на хроничната преоптовареност на постојните клиники од терциерно здравство. Според нашите анализи, 70% од пациентите кои треба да добијат здравствени услуги на примарно и секундарно здравство тие се приморани, поради системски слабости се упатуваат на терциерно ниво. Оваа аномалија, освен што претставува екстра трошок за пациентите, таа е губење време за нив, но исто така, претставува и дополнителен товар за терциерното здравство, односно значјано отежнување на исполнувањето на неговата обврска за научно истражувачка дејност и следење на новите технологии и протоколи кои се дел од современите трендови во здравството.

Во насока на одговорно планирање, во текот на оваа година ќе започне и изработка на физибилити студија за нов клинички центар во Скопје, како неопходен чекор за долгорочен и одржлив развој на здравствениот систем во нашата држава.

Дополнително, решавањето на проблемот со паркирањетво клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје, ќе биде резултат на конкретен проект што покажува дека реформите не се однесуваат само на големи стратегии, туку и на секојдневните услови кои директно влијаат врз пациентите и здравствените работници.

Првпат здравството ги познава своите човечки капацитети

Еден од најзначајните процеси започнати во втората половина на 2025 година е креирањето прва структурирана база на податоци за човечките капацитети во здравството. Првпат, системот гради реална слика за професионалните профили, нивната распределба и критичните недостатоци.

Врз основа на овие податоци, во 2026 година започнува и суштинска промена во системот на специјализации и курикулуми за специјалистичка едукација. Специјализациите повеќе нема да се креираат изолирано или врз основа на застарена историска меморија, туку ќе се адаптираат врз основа на реалните потреби на здравствените институции. Преку овој пристап, ќе се воведе појасна структура на општи специјализации и супспецијализации, не само во терцијарното, туку и во примарното и секундарното здравство. На овој начин ги оспособуваме нашите човечки капацитети нивниот профил да биде компатибилен со потребите на сите нивоа на здравствениот систем.

Оваа реформа значи подобро планирани кадри, поквалитетни услуги и систем кој не произведува специјалисти „по желба“, туку професионалци што реално му се потребни на здравството и на граѓаните.

Дигитализацијата како алатка за транспарентност и доверба

Од јуни 2025 година, дигитализацијата е поставена како централна столб на реформата. Годинава, овој пристап го конкретизираме преку националната стратегија за дигитална трансформација на здравството, со фокус на дигитализација на процесите, зголемување на транспарентноста и носење одлуки базирани на податоци.

Дигитализацијата не е цел сама по себе, затоа ја поставуваме таа да биде алатка за зголемување на отчетноста, за намалување на просторот за злоупотреби и за создавање пофер систем за секој граѓанин.

Правна рамка за здравство што превенира

Сериозна реформа не е можна без стабилна правна основа. Затоа, во моментот се подготвуваат две целосно нови законски решенија во здравството, додека 12 постојни закони се адаптираат и модернизираат, во согласност со стратегијата, мисијата и визијата што ја градиме.

Целата кон која системски се стремиме е да создадеме правна рамка што поддржува превентивно здравство, а не систем кој реагира само кога болеста веќе се појавила.

Довербата како секојдневна обврска

Позитивниот фидбек што го добив од преземањето на мандатот во јуни 2025 година не го доживувам како личен успех, туку како дополнителна одговорност за постојана доследност и транспарентност во извршувањето на министерската функција. Довербата, без воздржување, се гради секој ден, со прецизни одлуки и искрена комуникација.

Здравството во 2026 година нема да биде совршено, но ќе биде подобро планирано, потранспарентно, попредвидливо и поблиску до сите граѓани. Тенденцијата која е поставена води кон систем што нема да реагира од страв, туку ќе делува со знаење, податоци и одговорност. Ова е насоката на движење на здравството која ја започнавме во јуни 2025 година, за да продолжиме сериозно и одговорно и текот на 2026 година.

И оваа активност почна во јуни 2025 година, за да се гради сериозно и одговорно во текот на оваа година.

Модерниот екосистем и нашата одговорност

Современиот здравствен екосистем во светот функционира како жива мрежа во која клиниките, лекарите, лабораториите, регистрите, осигурувањето, но и самите граѓани се внимателно поврзани преку податоци, стандарди и јасни патеки на пациентите. Најразвиените системи веќе не го мерат успехот само по број на интервенции, туку по тоа колку успеале да спречат појава и развој на болест, колку брзо препознале ризик и колку безбедно го насочиле пациентот низ системот. Тоа е премин од „пожарникарско“ здравство кон здравство кое преку предвидување превинира, односно здравство кое е исполнето со современи болници, интероперабилни дигитални платформи, поддржано од вештачка интелигенција и телемедицина која релативизирајќи го просторот ја елиминира географијата како бариера.

Токму затоа, дигитализацијата кај нас не смее да се сведе на набавка на софтвер или на „електронски печат“ за старите навики. Таа мора да биде системска алатка што ги ослободува лекарите од административни обврски, ги прави податоците побрзи од бирократијата и ја гради довербата преку транспарентност. За помалите држави како Македонија, ова е и шансата за „скок“ со правилно поставени правила на упатување и алгоритамски „gatekeeper“ меѓу примарно, секундарно и терциерно ниво, со поврзани регистри и стандарди што создаваат заеднички јазик на системот, можеме да ја исправиме аномалијата каде што пациентите непотребно завршуваат на терциерно. Така, инвестициите во инфраструктура, кадар и дигитални решенија стануваат една иста политика на рамномерност, безбедност и предвидливост.

Иднината која ја гледаме во светот, како што се дигитални близнаци што симулираат исходи, ВИ што препознава ризик пред симптомите, виртуелни болници без ѕидови и персонализирана медицина, не мора утре да биде наша секојдневна реалност, но мора денес да биде наша насока. Нашата обврска е да преминеме од вчерашната реалност на преполни болници, лекари под огромен притисок, системи што постојано се обидуваат да балансираат меѓу ограничени ресурси и сè поголеми очекувања од граѓаните, кон иднина исполнета со здравство водено од податоци, паметни болници, дијагностика поддржана од вештачка интелигенција и технологии што не само што реагираат, туку превенираат и предвидуваат.

Авторот е министер за здравство

Поврзани содржини