„ЗНАЕЊЕ + CO₂ –“, ГРАДЕЖНИОТ ФАКУЛТЕТ ДОБИ НОВ ЕДУКАТИВЕН ЦЕНТАР Соработка со ТИТАН Усје за одржливо образование
Проектот „Знаење + CO₂ –“ отвора нови можности за студентите, истражувачите и градежната индустрија преку поврзување на науката, иновациите и одржливиот развој.
На Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје свечено е промовиран нов едукативен и истражувачки центар, формиран во соработка со ТИТАН Усје. Центарот, што е дел од проектот „Знаење + CO₂ –“ – со знаење и иновативност до помалку CO₂, претставува современ едукативен простор наменет за унапредување на наставниот процес и за продлабочување на соработката помеѓу академската заедница и бизнис секторот.
Заблагодарувајќи се на соработката со ТИТАН Усје, деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Јосиф Јосифовски, истакна дека таа е резултат на долгогодишното стратешко партнерство меѓу факултетот и компанијата, кое кулминира со проектот „Знаење + CO₂ –“, од што се очекуваат значителни придобивки за сите вклучени страни.
– Соработката со ТИТАН Усје има особено значење за квалитетот на образовниот процес. Новиот центар ќе овозможи студентите да се запознаат со најновите технологии, иновации и трендови во градежната индустрија, што ќе придонесе за нивна подобра подготвеност за професионалните предизвици – нагласи деканот Јосифовски.
Главниот извршен директор на ТИТАН Усје, Константинос Николау, посочи дека соработка е дел од долгорочна определба на компанијата за обезбедување ефективна поддршката на академската заедница.
– Во време на брзи технолошки промени и процеси на декарбонизација, партнерството помеѓу бизнис секторот и универзитетите не е избор, туку неопходност. Преку проектот „Знаење + CO₂ –“ сакаме нашите знаења, искуства и иновации да бидат дел од академскиот процес и активно да придонесат за развој на млади, квалитетни кадри и за поодржлива иднина – истакна Николау.
Истакнувајќи ја континуираната соработка помеѓу ТИТАН Усје и Градежниот факултет, како одличен модел за соработка на бизнисот и науката, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, потенцираше дека ваквите проекти се целосно усогласени со политиките на Владата и Министерството во областа на образованието, науката и одржливиот развој.
– Подигнувањето на квалитетот на високото образование и создавањето подобри можности за младите се меѓу нашите врвни приоритети. Соработката меѓу универзитетите и општествено одговорните компании е важен предуслов за задржување на младите во земјата и за создавање современ образовен систем и одржлива иднина – истакна министерката Јаневска.
Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Билјана Ангелова, ја нагласи важноста на ваквите партнерства во услови на динамични пазарни промени.
– Соработката со реалниот сектор е клучна за современото високо образование. Проекти како овој покажуваат како знаењето, науката и практиката можат да се поврзат во заедничка цел: создавање конкурентни и подготвени млади професионалци – рече ректорката Ангелова, најавувајќи интензивирање на ваквите иницијативи и во иднина.
По официјалниот дел, присутните имаа можност да го посетат новиот центар и да се запознаат со неговата намена и можностите што ги нуди за студентите и наставниот кадар.
Проектот „Знаење + CO₂ –“, во чии рамки се реализира и оваа соработка, е заедничка иницијатива на ТИТАН Усје и Градежниот факултет при УКИМ, насочена кон унапредување на едукацијата, истражувањето и подигнувањето на свеста за одржлив развој и декарбонизација во градежната индустрија. Проектот се реализира преку три главни модули: Едукативен модул; Модул за истражување и развој; и Модул за подигнување на свеста, вклучувајќи младински натпревари, изложби и други активности.
Како пионер во примена на принципите на кружната економија, ТИТАН Усје континуирано инвестира во дигитализација, иновативни технологии, еколошки типови цемент и обновливи извори на енергија, со јасна цел – намалување на јаглеродниот отпечаток и создавање одржлива иднина за градежниот сектор. Во последните пет години, компанијата инвестираше повеќе од 6 милиони евра во дигитализација, решенија базирани на вештачка интелигенција, иновативни технологии и одржливи практики, вклучувајќи и еколошки типови цемент и обновливи извори на енергија, како што се соларната енергија и алтернативните горива. Инвестициите во овие области ќе продолжат и планирано е во следните три години да се инвестираат дополнителни 20 милиони евра.