СТРОГА КОНТРОЛА ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ Веќе се затворени 18 институти, уште неколку се пред затворање

Министерката за образование Весна Јаневска соопшти дека по спроведените евалуации се утврдени неправилности кај дел од високообразовните институции, а оние што нема да ги отстранат во законскиот рок ќе останат без акредитација.

0

Спроведените евалуации на високообразовните институции во земјава покажале неправилности во работењето кај дел од нив, поради што ќе следуваат одземање на акредитации и затворање на установите што нема да ги отстранат утврдените недостатоци во законски предвидениот рок. Ова денеска во Охрид го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска посочи дека, за разлика од претходните години, сега активно функционира Агенцијата за квалитет во високото образование, која во соработка со странски експерти спроведува евалуации на високообразовните институции.






– Досега се затворени 18 институти и една приватна висока стручна школа, а во тек е постапка за затворање на уште пет до шест институти. Воедно, се спроведуваат проверки и мониторинг на најмалку пет универзитети – изјави Јаневска.

Таа нагласи дека Министерството за образование и наука постапува по пријави поднесени од поединци и групи наставници, при што сите постапки се водат согласно законските процедури.

Министерката додаде дека на институциите прво им се остава можност да ги отстранат утврдените неправилности, а доколку тоа не го сторат во предвидениот рок, ќе следуваат конечни мерки, меѓу кои и одземање на акредитацијата и затворање.

Поврзани содржини