„ГИ ЧЕКА ШОК КАКОВ ШТО НЕ ДОЖИВЕАЛЕ!“ Трамп тргнува во војна со Венецуела и за првпат призна дека е за нафта, а не за дрога

„Венецуела е целосно опколена од најголемата армија некогаш собрана во историјата на Јужна Америка и тоа присуство ќе продолжи да расте. Шокот што ги чека ќе биде нешто што никогаш претходно не го искусиле – сè додека на САД не ѝ го вратат целото нафтено богатство, земјата и другиот имот што претходно ни го украдоа“ – се вели во објавата на Трамп.

1,549

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека наредил „целосна и сеопфатна“ блокада на сите санкционирани нафтени танкери што пловат кон Венецуела или ја напуштаат земјата. Одлуката доаѓа откако претходно ја прогласи владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро за странска терористичка организација, обвинувајќи ја за кражба на американски имот, тероризам, шверц на дрога и трговија со луѓе, пишува Би-би-си.

Во објава на социјалната мрежа „Трут соушл“, Трамп настапи без задршки:






– Затоа денес наредувам целосна и сеопфатна блокада на сите санкционирани нафтени танкери што влегуваат во Венецуела или излегуваат од неа – напиша Трамп.

Во истата објава тој наведува дека Венецуела е „целосно опколена од најголемата армија некогаш собрана во историјата на Јужна Америка“ и дека тоа присуство ќе продолжи да расте.

– Шокот што ги чека ќе биде нешто што никогаш претходно не го искусиле – сè додека на САД не ѝ го вратат целото нафтено богатство, земјата и другиот имот што претходно ни го украдоа – се вели во објавата.

Трамп дополнително обвини дека, како што наведе, нелегитимниот режим на Мадуро ја користи нафтата од „украдените нафтени полиња“ за сопствено финансирање, како и за поддршка на нарко-тероризам, трговија со луѓе, убиства и киднапирања.

Нема да дозволиме да нѐ ограбуваат

– Поради кражбата на нашиот имот и поради многу други причини, меѓу кои тероризам, шверц на дрога и трговија со луѓе, венецуелскиот режим е прогласен за странска терористичка организација – напиша Трамп.

Во продолжение, тој повторно ја потенцираше наредбата за блокада и додаде дека, според него, нелегалните имигранти и криминалци што режимот на Мадуро ги испратил во САД за време на „слабата и неспособна администрација на Бајден“ забрзано се враќаат во Венецуела.

– Америка нема да дозволи криминалци, терористи или други држави да нè ограбуваат, загрозуваат или да ни нанесуваат штета. Нема да дозволиме ни непријателски режим да ни ја зема нафтата, земјата или кој било друг имот. Сето тоа мора веднаш да ѝ биде вратено на Америка. Ви благодарам на вниманието – порача Трамп.

Објавата на Трамп следи една недела откако САД запленија нафтен танкер во близина на брегот на Венецуела. Владата во Каракас најавата за блокада ја оцени како „гротескна закана“.

Еден ден пред соопштението за блокадата, Белата куќа ја потврди заплената на танкерот „Скипер“, наведувајќи дека бил вмешан во „незаконска испорака на нафта“ и дека ќе биде спроведен во американско пристаниште.

Фото: EPA/MIGUEL GUTIERREZ

Мадуро: Сакаат да ни ја украдат нафтата, гасот, златото и минералите

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, остро реагираше на потегот, тврдејќи дека САД „ја киднапирале екипажот“ и го „украле бродот“. Венецуела, која располага со едни од најголемите потврдени резерви на нафта во светот, одамна го обвинува Вашингтон дека се обидува да ги присвои нејзините природни ресурси.

Говорејќи на настан вечерта пред објавата на Трамп, Мадуро изјави дека „империјализмот и фашистичката десница сакаат да ја колонизираат Венецуела за да го преземат нејзиното богатство од нафта, гас, злато и минерали“.

– Се заколнавме дека апсолутно ќе ја браниме нашата татковина. Во Венецуела ќе победи мирот – изјави Мадуро во вторникот.

Воено присуство и санкции

Во деновите пред заплената на танкерот, САД значително го зголемија своето воено присуство во Карипското Море. Во регионот беа испратени илјадници војници, како и „Ју-Ес-Ес Џералд Форд“, најголемиот носач на авиони во светот, распореден на растојание од кое е можно дејствување кон Венецуела.

Администрацијата на Трамп и претходно ја обвинуваше Венецуела за шверц на дрога. Од септември, американската војска, како што тврди, во напади врз бродови убила најмалку 90 лица за кои се сметало дека превезувале фентанил и други нелегални дроги наменети за американскиот пазар.

Соединетите Американски Држави со години ѝ се спротивставуваат на власта на Мадуро – и за време на мандатот на Трамп и за време на претседателството на Џо Бајден – вршејќи притисок преку строги санкции. Минатата недела беа воведени нови санкции против уште шест бродови за кои се тврди дека превезувале венецуелска нафта, а на удар се најдоа и неколку роднини на претседателот Мадуро, како и компании поврзани со, како што наведуваат САД, неговиот нелегитимен режим.

Конгресмен: Ова е чин на војна

Одлуката за поморска блокада предизвика остри реакции и во американската политичка јавност. Конгресменот Хоакин Кастро, демократ од Тексас, изјави дека поморската блокада што ја најави Трамп е „недвосмислено чин на војна“.

Тој најави дека пратениците во четврток ќе гласаат за резолуција „со која на претседателот ќе му се наложи да ги запре непријателствата кон Венецуела“, рече Кастро.

Поврзани содржини