📷 ЕЛКАТА НА ПЛОШТАДОТ „МАКЕДОНИЈА“ ЌЕ СВЕТНЕ ВО 18 ЧАСОТ Музички спектакл без огномет за дочекот на Новата година

Тамара Тодевска ги повика скопјани да дојдат на градскиот плоштад, ветувајќи „луд дочек и незаборавна журка“, а Каролина Гочева порача дека Скопје заслужува позитивна енергија, музика и заедништво на влезот во Новата година.

2,222

Скопје ќе ја пречека Новата 2026 година со голем музички спектакл на плоштадот „Македонија“, предводен од Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Лара и Пајак, Миле Кузмановски и многу други, кои ќе бидат дел од централната новогодишна забава на 31 декември.

Деталите за новогодишната програма денеска ги соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на прес-конференција на која најави дека годинава градот се откажува од традиционалниот огномет и се насочува кон поинаков, модерен и семеен концепт на прослава.






Покрај Каролина, Тамара и Миле Кузмановски, на плоштадот ќе настапат и Огнен Здравковски, Лара и Пајак, Два Бона, Куку Леле и Лина Пејовска, кои ќе се погрижат за целовечерна забава и еуфорична атмосфера за сите генерации.

Тамара Тодевска ги повика скопјани да дојдат на градскиот плоштад, ветувајќи „луд дочек и незаборавна журка“, а Каролина Гочева порача дека Скопје заслужува позитивна енергија, музика и заедништво на влезот во Новата година.

Посебно место во програмата ќе имаат и талентираните скопски средношколци, кои ќе настапуваат со свои бендови и музички изведби, како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и нивно активно вклучување во културниот живот на градот.

– Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци, кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта во Скопје, како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат дел од новогодишната магија, создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и со позитивна енергија – рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Фото: Плусинфо

Градот од денеска официјално ја започнува новогодишната празнична приказна. Во 18 часот на плоштадот „Македонија“ свечено ќе биде осветлена новогодишната елка, а ќе започне и божиќниот маркет, кој ќе биде отворен до крајот на годината.

– Со оваа церемонија Скопје прави чекор напред кон европски празничен концепт. Од 15 до 31 декември, секојдневно од 18 часот, граѓаните ќе уживаат во богата програма со музички настапи, ди-џеј сетови, уметнички перформанси и бројни изненадувања – истакна Ѓорѓиевски.

Градоначалникот нагласи дека годинава фокусот е ставен на децата, семејствата и на младите.

– Секој ден од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на нашите најмали, со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања. Во вечерните часови програмата е наменета за младите и за возрасните, со топла и жива празнична атмосфера. Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 декември, во соработка со Државна лотарија, со доаѓањето на Дедо Мраз, празнични забави и награди за сите генерации – вели Ѓорѓиевски.

На новинарско прашање поврзано со тоа колкав ќе биде трошокот за Град Скопје, Ѓорѓиевски рече дека единствениот трошок за градот е украсувањето, кое, како што нагласи, изнесува помалку од 70.000 евра. Прашан дали ќе има албански изведувачи, тој рече дека „музиката не познава вера и нација“ и повика на обединување, нагласувајќи дека програмата е наменета за сите скопјани.

– Ова ќе биде голем настан, со многу големи ѕвезди кои со години наназад не сме ги имале на исто место. Јас ќе бидам тука таа вечер, со сите вас, и верувам дека Скопје конечно ќе се обедини по долги години. Музиката не познава вера, ниту нација. Плоштадот „Македонија“ ќе биде исполнет со детски џагор, детски насмевки и весели луѓе, весели скопјани без разлика на вера и нација, кои заеднички со нас ќе го дочекаат празникот – рече Ѓорѓиевски.

Претставничката на Државна лотарија на Македонија, Христина Димитријевска, изјави дека компанијата со задоволство го поддржува настанот како дел од својата корпоративна општествена одговорност и дека Државна лотарија изминатиот период го има подигнато концептот на корпоративна општествена одговорност, преку поддршка на спортот, младите, животната средина, образованието, училиштата, културата и уметноста.

– Партнерството со Град Скопје за организирање на овие новогодишни денови и вечери на плоштадот „Македонија“ за нас претставува чест и задоволство што можеме да помогнеме во создавање на новогодишна атмосфера, поддршка на уметноста и поттикнување на домашната култура – рече Димитријевска.

Поврзани содржини