ХАОС ВО СИНЏИРОТ НА СНАБДУВАЊЕ СО ЧИПОВИ ВО АВТО-ИНДУСТРИЈАТА Не се гледа крај на спорот за „Нексперија“ меѓу Холандија и Кина
Спорот започна во септември, кога холандската влада се повика на закон од времето на Студената војна за да ја преземе контролата врз „Nexperia“. Пекинг одговори со блокирање на извозот на своите производи од Кина, што пак предизвика тревога кај глобалните производители на автомобили.
Холандскиот производител на чипови „Нексперија“ (Nexperia) јавно го повика својот кинески огранок да помогне во обновувањето на синџирот на снабдување, предупредувајќи во отворено писмо дека клиентите од различни индустрии пријавуваат „непосредни прекини во производството“.
Писмото го означува најновиот пресврт во долготрајната сага што ги загрози глобалните синџири на снабдување во автомобилската индустрија и поттикна жестока битка меѓу Амстердам и Пекинг околу трансферот на технологија.
„Ја поздравивме посветеноста на кинеските власти да го олеснат продолжувањето на извозот од кинескиот објект на Nexperia и нашите подизведувачи, овозможувајќи континуиран проток на нашите производи на глобалните пазари. Сепак, клиентите од сите индустрии продолжуваат да пријавуваат непосредни прекини во производството. Оваа ситуација не може да трае“, наведува холандската подружница на Nexperia во писмото.
Групата го повика раководството на фирмата во Кина да преземе итни чекори за враќање на воспоставените текови на снабдување.
„Wingtech Technology“, кинеската матична компанија на Nexperie, објави дека отвореното писмо на холандската подружница содржело „голем број на лажни и невистинити обвинувања“. Тие наведоа дека „нелегалното лишување од контролата и акционерските права на Wingtech врз „Nexperia“ е причина за континуираниот хаос во синџирот на снабдување.
„Во комбинација со неодамнешната серија акции од страна на холандската влада и Nexperia B.V., веруваме дека нивната вистинска намера е да купат време на Nexperia B.V.“ за градење синџир на снабдување без кинескиот дел и трајно го лишуваат Wingtech од акционерските права“, убеден е Wingtech.
Nexperia произведува милијарди таканаречени јадрени чипови – транзистори, диоди и компоненти за управување со енергија – кои се произведуваат во Европа, се склопуваат и тестираат во Кина, а потоа се реекспортираат до клиенти во Европа и на други места.
Овие чипови се релативно нискотехнолошки и евтини, но се потребни во скоро секој уред што користи електрична енергија. Во автомобилите, тие се користат за поврзување на батерии со мотори, за светла и сензори, за системи за сопирање, контролери на воздушни перничиња, системи за забава и електрични прозорци.
Спорот започна во септември, кога холандската влада се повика на закон од времето на Студената војна за да ја преземе контролата врз „Nexperia“. Невообичаениот потег наводно беше повлечен откако САД изразија загриженост за безбедноста. Пекинг одговори со блокирање на извозот на своите производи од Кина, што пак предизвика тревога кај глобалните производители на автомобили бидејќи се соочија со недостиг на компоненти за производители на чипови.
Холандската влада минатата недела објави дека ја суспендирала својата државна интервенција во „Nexperia“ по разговорите со кинеските власти, но е очигледно дека спорот не е решен.
Не е јасно колку долго би можела да трае оваа ситуација. Меѓу засегнатите компании се јапонскиот Nissan и германскиот Bosch.
Портпаролот на Германското здружение на автомобилската индустрија (VDA), кое ги претставува Volkswagen, Mercedes-Benz Group и BMW, меѓу стотици други, предупреди на зголемени ризици за снабдување, особено за првиот квартал од 2026 година.