НЕ БИ ПРИПОИЛЕ ДЕЛ ОД УКРАИНА, ДУРИ И ДА ИМАМЕ TAКВА МОЖНОСТ Орбан ги смирува соседите
Будимпешта веќе долго време го обвинува Киев за кршење на правата на унгарското малцинство во Закарпатска Област.
Унгарија би се откажала од можноста да го припои Закарпатје (Западна Украина) на својата територија, дури и ако добие таква понуда, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, во интервју за медиумската група „Аксел Шпрингер“.
– Вие, Германците, веќе се обидувавте со други територии, а на крајот ние страдавме. Така што, искуството покажува дека не вреди да се впуштаме во таа авантура – истакна Орбан.
Будимпешта веќе долго време го обвинува Киев за кршење на правата на унгарското малцинство во Закарпатска Област, особено за нивното право на употреба на мајчиниот јазик во културата и образованието. Владата на Унгарија повеќе пати предупреди дека нема да дозволи пристапување на Украина во Европската Унија сè додека овие прашања не бидат решени.
Претходно, унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, нагласи дека Унгарија нема да поддржи какво било движење на Украина кон ЕУ, бидејќи Киев веќе десет години ја измамува Будимпешта, не правејќи ништо за да ги врати правата на Унгарците од Закарпатје.