Протерување на мигранти од ЕУ по секоја цена
Владата на шведскиот премиер Улф Кристоферсон, инспирирана, меѓу другото, од Данска, која веќе подолго време бележи успеси во ефикасноста на протерување на мигрантите, користи реторика со етнонационалистички, па и расистички призвуци, дека главните проблеми со кои се соочува општеството се поврзани со бегалците и мигрантите, иако на никаков начин не може да се оспори фактот дека голем број сектори во шведското општество би застанале без мигрантска работна сила. Без приливот на мигранти драстични би се намалувал и наталитетот во земјата.
Просто е фрапантно со каква брзина речиси од ден на ден се менува мигрантската политика и се заострува анти-мигрантската реторика во повеќе ЕУ-членки. Шведската влада, која секогаш се придружува кон критиките за раширената корупција во други земји, неодамна, со цел да ги зголеми депортациите на Сомалијци, донела одлука со печат на доверливост да и исплати 500.000 евра на Сомалија.
Парите се наменети за неколку вработувања во владата на блиски роднини на сомалискиот премиер, со плати од околу 10.000 евра месечно. Сомалија, според „Транспаренси интернешанал“, е една од најкорумпираните земји во светски рамки. Но шведската конзервативно-десничарска влада, чија агенда веќе подолго време ја диктира екстремната десница во парламентот, веќе не бира методи за до го забрза протерувањето на непожелните странци. Па макар и по цена на потплатување на странски влади.
Владата на шведскиот премиер Улф Кристоферсон, инспирирана, меѓу другото, од Данска, која веќе подолго време бележи успеси во ефикасноста на протерување на мигрантите, користи реторика со етнонационалистички, па и расистички призвуци, дека главните проблеми со кои се соочува општеството се поврзани со бегалците и мигрантите, иако на никаков начин не може да се оспори фактот дека голем број сектори во шведското општество би застанале без мигрантска работна сила. Без приливот на мигранти драстични би се намалувал и наталитетот во земјата.
Сепак, заострувањето на мигрантската политика што ја спроведува шведската влада, не наидува само на одобрувања, туку почнува да се соочува и со сериозни отпори. Деновиве владиниот предлог за консултации со општините за забрзување на доброволни иселувања и враќања на мигранти во нивните земји, со исплата на финансиска помош до дури 55.000 евра по семејство, беше одбиен од страна на преку 120 општини, меѓу кои и најголемите во земјата – Стокхолм, Гетеборг и Малме. „Тоа не личи на Шведска, туку е нешведска политика“, беше одговорот упатен до владиниот претставник кому општинските раководства му свртија грб.
Нешто повеќе од половина од возачите на автобуси и трамваи во Шведска се родени во странство, а и една третина од медицинските сестри се имигранти. Статистиката покажува слична мигрантска „преплавеност“ и во низа други професии. Шведска едноставно не може да функционира без имиграција.
Неспорна вистина е дека имиграцијата историски значајно ја збогатила не само Шведска, туку и голем број други западноевропски земји. Истото важи и за имиграцијата денес, иако политичките заложби и општествената клима околу миграциите драстично се менуваат.
Данската влада, која моментно е претседавач со ЕУ, не го крие фактот дека построгата миграциска политика е прашање што е приоритет во текот на нејзиниот шестмесечен мандат. Во тек се преговори на разни нивоа за построги правила за принудување на луѓето кои немаат право да живеат во границите на ЕУ да ја напуштат земјата.
Пред извесно време данската премиерка Мете Фредериксен, заедно со италијанската премиерка Џорџија Мелони, ја презедоа водечката улога во критиките кон Европскиот суд за човекови права. Заедно со уште седум други земји, тие бараат реинтерпретација на Европската конвенција за да им се олесни на земјите да ги протеруваат странските државјани кои извршиле кривични дела.
Данска се повеќе се претвора во инспиративен модел, така што политичари од цела Европа сега ја контактираат Данската агенција за репатријација со седиште во Копенхаген, за да го проучат данскиот модел на справување со мигрантски прашања.
Имиграцијата, еколошката и климатската политика на ЕУ, ширењето на исламот и радикализацијата што ги следи тие процеси, како и презирот кон традиционалните вредности создаваат огромна политичка опозиција низ Европа. Се полесно и без задршка со прст се покажува кон бегалците и мигрантите, кога се зборува за проблемите и последиците од системските нарушувања во општеството.
Но фактите, всушност, зборуваат за поинаква реалност. Доселувањето мигранти е најзначајниот фактор што влијае врз порастот на населението и економската динамика во ЕУ. Без прилив на нови мигранти, населението на Унијата значајно би се намалувало. Порастот на мигранти во ЕУ во целина во последните две децении бил петпати поголем од бројките што произлегуваат од разликата помеѓу родени и умрени.
Недостиг од работна сила во моментов владее во голем број сектори во речиси сите земји членки на ЕУ. Токму затоа Европската комисија неретко нагласува дека на ЕУ ѝ е силно потребна имиграција на работници, а за што е неопходно олеснување на законската регулатива, со напоредно засилување на заштитата на работниците од експлоатација и натамошно подобрување на мобилноста внатре во Унијата. Во спротивно, без прилив на работна сила, ќе запрат економските тркала на ЕУ.
Процените на Европската комисија зборуваат за тоа дека недостигот од работна сила во ЕУ ќе продолжи да се зголемува напоредно со стареењето и намалувањето на обемот на работоспособното население во ЕУ-членките. „Потребни ни се повеќе патишта за да дојдат луѓе што можат да придонесат за раст на нашата економија“, нагласуваат од страна на Европската комисија.
Преку 22 милиони луѓе од разни земји надвор од ЕУ се населени во Унијата, а што одговара на околу пет проценти од нејзиното вкупно население. Според статистиката во изминатите години на подрачјето на Унијата се вселувале околу 3 милиони мигранти преку легални патишта.
Уште еден важен аспект во врска со барањето решенија за „мигрантскиот проблем“ во ЕУ се идеите со кои се заговара етаблирање на азилантски собирни центри за депортирани мигранти. Британскиот премиер Стармер беше изложен на остри критики поради предлогот за отворање на таков центар во Руанда, а ги споменуваше во тој контекст и земјите од Западен Балкан. Заложбите на италијанската премиерка Мелони за отворање мигрантски центри во Албанија пропаднаа бидејќи не добија зелено светло од италијанскиот Уставен суд.
Сосема е извесно дека притисоците од ЕУ за етаблирање мигрантски центри надвор од ЕУ не само што нема да престанат, туку ќе се засилуваат. Па макар и преку поттикнување на државна корупција, според споменатиот шведски пример на поткупување странски влади да ги отворат своите врати за прием на депортирани мигранти од Западна Европа.
Таквите калкулации нема да ги заобиколуваат ниту балканските земји.