Правосудството го резилат судии, обвинители и адвокати – сите знаат кои се, никој ништо не презема!

Ако сакаме промени, ќе мораме да ја извадиме главата од песокот и да започнеме со реформи и во судството и во обвинителството.

2,367

Со години наназад се зборува за реформи во правосудниот систем. Со години наназад сведоци сме на низа аномалии во примената на законите низ судските лавиринти, бавна правда и исклучително низок рејтинг, кој скоро и не постои, оти нели 2% не е рејтинг…

Целиот судски систем страда поради неколку поединци, кои постојано уверуваат дека „системот функционира“. Ваквите приказни се споделуваат во јавноста најмалку 25 години, без вистински напредок. За целокупната состојба сведочат и извештаите на Европската комисија – и во годинешниот е нотирана поразителната состојба во борбата против корупцијата и лошата состојба на евидентна правна држава.






А толку пари се инвестирани во обуки, едукација и тренинзи поддржани од нашите стратешки партнери…

Недоволно знаење и сомнителни морални капацитети

Жално е што институциите на правосудниот систем се еродирани, благодарение на отсуството на сериозна, а не само декларирана, политичка волја кај релевантниот естаблишмент, но најмногу од сѐ поради недостатокот на волја и сериозна акција кај самите органи на правосудството. Тука пред сѐ мислам на самите судии и на Јавното обвинителство, кои треба да се справат со оние колеги кои не заслужуваат да носат судска тога.

Сведоци сме дека во последните години, секој обид за решавање на корупција во правосудството беше дочекан на нож. Сведоци сме на неводење кривични постапки за сериозни повреди од страна на јавните обвинитгели, за што еклатантен пример предметот познат како „Бонусите на СЈО“. Со своето однесување во врска со овој предмет, со настојување тој да остане во фиока, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, дополнително ја бетонира и така негативната перцепција за целото македонско судство.

Ова покажува дека едукацијата, практичното знаење и моралните капацитети кај дел од делителите на правдата се речиси и под основно ниво. Критериумите за избор на нови судии и јавни обвинители се сведени на некаков минимум, на критериум за поседување „меки вештини“, кои се користат за разно-разни пазарења за позиции, избори во повисоки судови и јавни обвинителства или за шефовски места. Нема ни збор за развој на личните капацитети и за востановување правна држава, во која ќе владеат законите еднакви за сите, засновани на правораздавање од страна на носителите на правосудните институции со висок морален интегритет и супериорно знаење.

Во изминатиот период, до јавноста допреа информации, благодарение на неколку храбри новинари, за некои судски предмети и постапки против судии и јавни обвинители, за кои надлежните органи, повикувајќи се на тајноста на постапките, пружија силен отпор за обезбедување било каква информација. А да се биде транспарентен значи да нема што да криеш, да постапуваш законито и да имаш интегритет.

Ќе спомнам предмети за кои во јавноста веќе имаше повеќе полемики.

Како Апелација досудила милионска отштета во корист на фирма блокирана 23 години

На пример, предметот познат како „Фокуснет Штип против Телеком“, кој поради пресуда на Апелационен суд во Скопје, заврши неславно за Македонски Телеком. Овој суд досуди енормен износ на штета од неколку милиони евра на фирма од Штип со блокирана сметка повеќе од 23 години. За оваа фирма, освен судиите од Апелационен суд во Скопје, останаа слепи и Управата за јавни приходи, Финансиска полиција и многу други органи, кои можеа и требаа да се посветат на ваквите фантом фирми, кои егзистираат со цел преку добро организирана мрежа да се збогатат од успешна компанија, згора на тоа и во странска сопственост.

За жал,  Јавното обвинителство исто така остана глуво за овој случај. И покрај неколкуте соопштенија дека „работи на случајот“, до сега, повеќе од една година, нема било каква информација во јавноста дека од тоа „работење на случајот“ има некаков исход. Со овој предмет единствено конкретно се зафати Судскиот совет, кој според информациите во медиумите, разрешил двајца од тројца судии од советот на Апелациониот суд Скопје, додека третиот судија бил парично казнет.

Причина за ваквите одлуки на Судскиот совет биле констатираните незаконитости во постапката во случајот „Фокуснет Штип против Телеком“. Од Советот утврдиле дека во овој случај постојат фалсификувани записници, а биле најдени и докази кои ги нема во списите на Основниот суд, кој ја донел првостепената пресуда во корист на штипската фирма.

Замислете, Судскиот совет констатира дека пресудата со која се преиначува првостепената пресуда била донесена без одржување јавна расправа, што е спротивно на Законот за парнична постапка. Но и покрај ваквата реакција од Судскиот совет, нивните колеги од жалбениот совет на Апелација одлучиле да ги уважат жалбите на судиите, па повторно жешкиот костен да го вратат на масата кај Судскиот совет, кој во моментов се наоѓа во состојба „да бидеш или не“. И оттука прашање е дали Судскиот совет ќе собере сили и без користење на „меките вештини“ ќе постапи законито и правично.

Пркос е тоа или само незнаење – што и да е, не е дозволено!

Кога сме кај Судскиот совет, ќе се надоврзам на последната претставка поднесена против судија на претходна постапка од Основен суд Штип, кој на 15.10.2025 година, под КПП бр. 81/25, спротивно на своите законски надлежности, како и спротивно на Решение КР бр.76/2025 од 03.09.2025 година, донесено од страна на Врховниот суд на РСМ (решение со кое предметот се доделува на Основен суд Штип), судија од понизок суд, наместо да постапува по задолженијата дадени од страна на највисокиот суд во државата, тој без око да му трепне, носи решение како судија на претходна постапка при Основен суд Штип. Со тоа се огласува за стварно и местно ненадлежен да постапува по предметот и истиот го праќа во Основен суд Скопје.

Замислете, судија од основен суд постапува спротивно на веќе донесената одлука од највисокиот суд во државата. Тоа значи крајно непочитување на законите во државата!

Тука има две работи: или основно непознавање на правото, или пркос на понискиот суд спрема одлуката на Врховниот суд. Ако е незнаење, тогаш се поставува друго прашање – како може да правораздава судија кој нема елементарно познавање на правото, како може судија да носи тога а да не знае за основните начела на правото, односно дека одлуките на повисокиот суд за пониските судови се задолжителни?

Ако е во прашање пркос, тогаш ние како општество навистина имаме сериозен проблем со правораздавањето и со чинителите на ова правораздавање.

Законот е јасен, ама не важи за судии од Апелациониот суд Штип

Во Законот за кривична постапка, во член 27, е прошишано како и кој суд е надлежен да постапува кога судијата има недоумица во однос на тоа кој суд е надлежен да постапува по конкретен предмет. Исто така, предвидено e кога судијата смета дека треба да се пренесува местната надлежност. Па така. ставот 1 од овој член гласи: „Ако надлежниот суд од правни или стварни причини е спречен да постапува, е должен да го извести за тоа непосредно повисокиот суд, кој по испитувањето на јавниот обвинител, кога постапката се води по барање од јавниот обвинител, ќе определи друг стварно надлежен суд на своето подрачје“.

Ставот 3 од истиот член вели: „Заеднички непосредно повисокиот суд може за водење на постапката да определи друг стварно надлежен суд на своето подрачје, ако е очигледно дека така полесно ќе се спроведе постапката или ако постојат други правни или стварни причини“.

Арно ама, почитуваните судии од Апелациониот суд во Штип, иако и за нив важат одредбите од Законот за кривична постапка, сепак, носат одлука која е спротивна на одредбите од овој закон. Па така, судии од Апелациониот суд во Штип носат одлука, односно Решение К бр. 13/25, која се коси со законските надлежности на самите судии од апелационото подрачје – судии од апелационо подрачје од Штип носат одлука дека надлежен да постапува по конкретен предмет е Основен суд Скопје. Тоа е спротивно на наведениот член 27, каде е наведено дека Апелационен суд може да определи друг стварно надлежен суд, но од своето подрачје. А знаеме дека Основен суд Скопје не спаѓа под надлежност на Апелациониот суд Штип, туку под Апелационен суд Скопје.

За да биде појасно за читателот, тоа значи дека во случај кога имаме пренесување надлежност за постапување помеѓу основни судови кои се наоѓаат во различни апелациони подрачја, како што е во конкретниот случај, помеѓу Основен суд Штип и Основен суд Скопје, тогаш надлежен да одлучува кој суд ќе постапува е Врховниот суд, а во никој случај не може да одлучува Апелациониот суд Штип или Апелациониот суд Скопје.

Уште пострашно е што овој случај е кога судија на претходна постапка од Основен суд Штип – и покрај тоа што Врховниот суд на РСМ го определува за местно и стварно надлежен суд – спротивно на напатствијата на Врховниот суд, предметот го праќа на надлежно постапување до Основен суд Скопје. За сето ова, со писмен поднесок, е известен е Врховнит суд. Поднесена е претставка во која се бара да се испита работата на судијата на претходна постапка на Основен суд Штип и од Апелациониот суд Штип. На потег е Судскиот совет.

Кој греши па признава, повеќе од пола му се простува

Посебен впечаток остави и предметот на судијата од Врховниот суд, Наќе Георгиев, кој грешел, но признал, па повеќе од пола му се прости, како и на обвинителот од повисок ранг. Пораката од овој случај е јасна – наместо да го браниш, прекршувај го законот, потоа признај и спогоди се.

Најлошо е што дел од судиите, па дури и дел од оние инволвирани во овој судски предмет, со години ги следи репутацијата на „деловно ориентирани“ судии и јавни обвинители, кои чинат услуги на определена елита, или на оние кои се подготвени да се оддолжат за услугата и за ваквите аномалии (читај „можности“). За ова се пренесуваат информации од уста на уста, но ниту еден релевантен субјект во правосудниот систем не сака да се справи со ваквиот профил на судии и да ги отстрани од системот.

Адвокати „мешетари“ специјализирани за „посредување“

Заедно со ваквите судии и јавни обвинители, треба да се отстранат и некои адвокати, кои ја брукаат фелата. Зборувам за таканаречените „мешетари“, или посредници, чија најголема вештина е посредување помеѓу странките и делителите на правдата за надомест. Тоа го слушна целата јавност во случајот со објавувањето на нелегално прислушкуваните разговори кога еден „познат“ адвокат посредуваше за износ во евра и за казна.

Со ова прашање треба да се позанимава Адвокатската комора, затоа што за нарушен углед, а уште повеќе за нарушен правосуден систем, многу значајна улога имаат и ваквите „посредници“, за кои правосудната фела знае, но не реагира, „оти не дај Боже да ти затребаат“ и таквите судии, јавни обвинители  и таквите адвокати.

И после, се прашуваме – зошто ни заминуваат младите?!

(Авторот е јавен обвинител)

Поврзани содржини