Колку чини македонскиот идентитет?
Не постои сериозна „држава која бара членство во некаква организација“ без основни предуслови односно без барем минимална заштита на сопствените интереси во тој процес. Фактот што никој кај нас од она трло на таканаречени социјалдемократи не помислувал на конкретни суштински, базични државни интереси на сопствената земја во рамките на пристапувањето и потоа функционирањето како член во таа „некаква организација“, тоа е сепак – друга работа. И неа ќе ја цени историјата.
Во претходните неколку текстови се обидов – толку колку што дозволува просторот – да укажам на количеството глупости во дел од суштинските процеси во државава од страна на самопрогласената лева, социјалдемократска и наводно прогресивна македонска збирштина викана сдсм (малите букви се…) и нејзината вештачка интелигенција, за две-три особено важни прашања: правдата во нивно толкување низ призмата на трагедијата во Кочани, лажното експертско знаме веено од страна на нејзините интелектуални приколки и историкантско-политикантската теза за некакво нивно ексклузивно (наследно) право на власт во државава. Во овие прашања, односно низ нив, рее нивниот страотен волунтаризам во толкувањето на историските и современите процеси, волунтаризам што најчесто скапо ја чинеше државата низ годиниве.
Едновремено, на секој добронамерен граѓанин одамна му е очигледна злонамерноста во нивните обиди на јавноста да ѝ подметнуваат секакви квази-интелектуални тиради завиткани во обландата на некаков – од никого потврден – експертски став. Во тие рамки, неизбежна е и темата на македонските евроинтеграции, деновиве „богато“ надополнувана не само со Извештајот на ек (малите букви се…) туку и со нови и нови скандалозни примери на глупост и незнаење.
Но, претходно, една веродостојна историска случка, која се надевам ќе биде препознаена во овој контекст: кај големиот британски и светски сликар Тарнер дошол познат бизнисмен со понуда да му го откупи целото творештво за фантастични за тоа време сто илјади фунти. Тарнер ја одбил понудата со извинување дека неговото творештво веќе е ветено на друг. Кога бизнисменот прашал кој е тој друг, Тарнер одговорил: британската нација! Бизнисменот бил упорен и сакал да знае колку ќе му плати британската нација за тој подарок. Тарнер одговорил: ништо!
Оттука и прашањето: ако се на продажба, колку чинат македонскиот јазик, култура, идентитет…?
Или, да бидам попрецизен: не може – па и не смее – интелектуалец, а згора и некаков бивш професор, да изрече реченица дека не знае за пример „држава која бара членство во некаква организација, да ѝ поставува услови на таа организација за да стане членка!“. Таквата флоскула можеби би функционирала во некакви рамки на очекувано членство во ФИФА, ФИБА, во некое меѓународно здружение за плукање во далечина…, или во некаква приказна, попрво бајка како онаа во македонска интерпретација за Црвенкапче, колбасите и волкот. Но, кога ја сместувате во конкретно историско време односно во самата суштина на македонскиот евроинтегративен процес – тоа е, да простите, апсолутно срамна изјава! И опасна.
Ако пак на ова ја додадете и „смелоста“ на една опозициска кандидатка за градоначалничка на Скопје, екс-министерка и долгогодишен државен функционер јавно да праша „која е разликата дали Бугарите ќе влезат сега во Уставот или со одложено дејство“, тогаш сликата комплетно се заокружува, нели!?
Е па, извинете, ако не само на Филипче и куќнион совет, туку и на онаа вештачка интелигенција собрана околу нив овие две нешта не им се јасни, односно нивните умствени капацитети не можат да допрат подалеку од овие глупости, тогаш се повеќе од јасни оние нивни изминати седум години пустошење низ државата, Преспанскиот договор, Договорот за пријателство и добрососедство и др.
Впрочем, не знам дали воопшто треба да се дообјаснуваат – барем во македонскиот случај, зашто за него станува збор – потенцијалните димензии на едно такво безусловно прифаќање на диктат што задира во самата суштина на државата, во идентитетското битие на народот односно неговото име, јазик, историја, култура… само заради „членство во некаква организација“. За тоа и досега беше многу пишувано, па и од моја страна, но фрапантно е настојчивото повторување на таа „теза“ од една групација чиишто досегашни „успеси“ во надворешната политика на државата произведуваа единствено проблеми и порази и ништо повеќе. Притоа, не само што „условите“ за прием на државите во „семејството“ викано еу (малите букви се одраз на степенот на моралност на оваа „организација“!) се менуваа(т) зависно од политикантските преференци на нејзиното раководство туку тие, особено во случајот со Македонија, беа/се крајно неморални, некултурни, нецивилоизациски…
И конечно, не постои сериозна „држава која бара членство во некаква организација“ без основни предуслови односно без барем минимална заштита на сопствените интереси во тој процес. Фактот што никој кај нас од она трло на таканаречени социјалдемократи не помислувал на конкретни суштински, базични државни интереси на сопствената земја во рамките на пристапувањето и потоа функционирањето како член во таа „некаква организација“, тоа е сепак – друга работа. И неа ќе ја цени историјата. Но, заборавиле, или попрво никогаш и не знаеле, дека во политиката и во животот никогаш ништо не е однапред готово.
Згора на сѐ, запрепастувачки е, па и срамно, кога луѓе кои три децении ровареа низ македонската надворешна политика, кои на државата ѝ ја донесоа фиромизацијата, атентатот врз претседателот, континуираното менување на знамето и Уставот, откажувањето од македонското малцинство во соседните земји, промената на името на државата и, како шлаг на тортата, Договорот со Бугарија, сега „промптно“ да држат лекции и да пелтечат за некаква „инертна политичка практика“. Па каква беше нивната? Активна? Но, со кои и какви резултати?! А сега се осмелуваат да предлагаат и некакво коленичење како „шарм ала Рама“ во надворешната политика!?
Не велам дека сегашниот „компас“ на македонската надворешна политика не изгледа „тврд“ и без потенцијални безбедносни ризици. Но, тие не се такви и толкави да го загрозуваат опстанокот на државата, уште помалку народот, јазикот, културата, идентитетот… Да, некои „мудреци“ го гледаат дури и знамето само како парче ткаенина, но нека појдат во некоја европска земја или САД и нека им го кажат тоа за нивните знамиња! А впрочем, тоа е и евтино парче ткаенина, како што, ако ја форсирате таа „логика“, и Уставот и законите се само парче хартија, нели? Затоа и не се баш така важни, па и не мора да се почитуваат?!
И од каде „заостанувањето“ на Македонија во однос на Црна Гора и Албанија – чијшто брз прием во еу има свои зошто и како – отсликува некаква „состојба на духот“ кај нас? А каква би била таа „состојба на духот“ без идентитетските симболи на државата? И на што би личела таа?
Дури, слушаме и лекции дека народот ги избира своите претставници да му ги подобрат условите во кои актуелно опстојува, да му го подигнат стандардот, во мир и во безбедност да му проектираат и реализираат развој… Ама, зарем одеднаш, баш преку ноќ, само оваа власт е избрана со такви желби и цели од народот, зарем сите оние претходни влади и претседатели и нивни министри и амбасадори беа бирани за да си ги шетаат задниците низ земјава и во странство, да си ги исполнуваат личните желби и хирови, но сега се свестуваат што и како требало да се работи? Па можно ли е и вакво безобразие?! И зарем само оваа претседателка има уставни надлежности, а онаа шушумига пред неа немаше па дозволи заевистичката булумента да си поигрува и со Уставот и со законите, а богами и со државата? Или навистина ли треба да ги бираме претседателите и премиерите според принципот на најнискиот коефициент на интелигенција, само за да не укажуваат на грешките туку „да ги шармираат соговорниците“? Па во таа насока, зарем навистина овие нашиве шупелки ги сметаат оние странскине шупелки од форматот на фон дер Лајен, Макрон, Мерц, Калас и Кос… за – шармантни?
И каде всушност нѐ води ваквата ефтина демагогија?