СДСМ мора да се преобрази во нов политички субјект

Сè додека партијата има членови, симпатизери и инфраструктура и сè додека не се изгубени сеќавањето на еден поинаков СДСМ и желбата тој да се обнови, има потенцијал за преобразба. Оваа партија сега е во слична ситуација како и СКМ и СКМ-ПДП од 1989 до 1991 година. Oвој СДСМ ги потроши причините за своето постоење и сега мора целосно да се преобрази, ако сака да опстане и да се крене од пепелта, како Феникс.

2,207

Во предвечерјето на распадот на југословенската федерација, после 10. конгрес на Сојузот на комунистите на Македонија (СКМ), одржан во ноември 1989 година, на кој за лидер беше избран Петар Гошев, почна процесот на демократски реформи и во земјата, но и во партијата. Три месеци подоцна, на последниот, 14. конгрес на Сојузот на комунисти на Југославија (бев делегат на тој конгрес), стана јасно дека се ближи распадот на СКЈ, на југословенската федерација, на социјалистичкиот поредок и на комунистичката идеологија.

Зошто СКМ стана СКМ-ПДП, а потоа СДСМ?






Свесни за неизбежните тектонски општествени промени, Гошев и неговата екипа во 1990 година се одважија на првото ребрендирање на партијата во СКМ-ПДП (партија за демократска преобразба). На првите повеќепартиски парламентарни избори во ноември 1990 година, СКМ-ПДП освои 31 пратенички мандат, 7 помалку од новоформираната ВМРО-ДПМНЕ. По изборите настапи политичка криза и по многу перипетии беше формирана експертската влада на Никола Кљусев.

На 20 април 1991 година, на 11. конгрес, СКМ-ПДП се преобрази во Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ). За прв претседател на СДСМ беше избран Бранко Црвенковски. Во 1993 година Петар Гошев ја формираше Демократската партија.

Следејќи ги промените што ги предизвика распаѓањето од комунистичкиот блок во Европа, како и почетокот на крвавата југословенска драма, реформирајќи се себеси и реформирајќи ја Македонија, СКМ односно СКМ-ПДП, во период од само две години, ги укина и причините за своето постоење како комунистичка партија. Иако по првите избори остана втора политичка сила во земјата, со многубројно членство и со силна инфраструктура, таа партија, едноставно, го изгуби својот изворен идентитет.

Единствениот можен одговор на таа историска околност беше целосна преобразба на партијата во нов политички субјект. Од тој 20 април 1991 година, во годините потоа, СДСМ имаше подеми и падови, фракционерски борби и издвојување на партиски клонови, изборни победи и порази, промени на кормилото … Но, неспорно е дека долго време тоа беше партија со препознатлива идеолошка линија и политичка програма.

Како го изгуби СДСМ својот идентитет

Од доаѓањето на Зоран Заев на власт во мај 2017 година, па сè до денес – цели 8 години! – чекор по чекор, а секој чекор од седум милји, СДСМ тоне во калта на безидејноста, лошото владеење, корупцијата, клиентелизмот и коцкањето со македонските национални интереси и со темелните општествени вредности.

Партијата го изгуби својот идентитет. Овој СДСМ денес не е ни бледа сенка од некогаш првата или втората најмоќна политичка сила во земјата. Денес социјалдемократите се предизвикани и од радикалната партија Левица, која е во подем и која сега отворено и дрско ги повикува да се постројат во нејзините редови.

А најстрашно од сè е тоа што раководството на СДСМ, на чело со Венко Филипче, не покажува ни волја, а ни капацитет за промени. Ова раководство, луѓето од пропагандната машинерија и сивите еминенции кои ги влечат конците од безбедна дистанца, едноставно, не ги препознаваат неизбежните драматични промени ниту во македонската политика, а уште помалку на глобалната политичка сцена.

Да нема дилеми – воден од тие и такви луѓе, СДСМ само ќе продолжи да тоне и на крајот ќе заврши како некогашната Либерална партија, како НСДП или како ЛДП, партии со големи имиња, но со минорно значење во македонската политика.

Овој СДСМ ги укина причините за своето постоење. Не произведува прифатливи концепти и политики, ги троши последните кадровски потенцијали и ги „гори“ последните луѓе што прифаќаат да влезат под неговото знаме во однапред изгубени изборни битки.

Ново име, нова идеологија, нова програма и ново раководство

Со еден збор, овој и ваков СДСМ нема иднина. Но, има ли чаре? Постои ли можност СДСМ да се обнови и да ја врати старата слава?

Да, има чаре.

Сè додека партијата има членови, симпатизери и инфраструктура и сè додека не се изгубени сеќавањето на еден поинаков СДСМ и желбата тој да се обнови, има и потенцијал за преобразба. Затоа и потсетив на раните 1990-ти години. СДСМ сега е во слична ситуација како и СКМ и СКМ-ПДП од 1989 до 1991 година – партијата мора целосно да се преобрази, ако сака да опстане и да се крене од пепелта, како Феникс.

Што значи тоа?

Многу конкретно:

Ново име и нов бренд. Одлучна и јасна ревизија на идеолошката линија. Нова политичка програма. Нов лидер. Ново централно раководство. Целосна обнова на општинските организации. Нов пристап кон членството, кон симпатизерите и кон граѓаните.

За да има смисла и ефект, промената мора да биде коренита, а не козметичка. На партијата ѝ треба нова глава, а не кадровски ботокс и малку програмска шминка.

Реформата треба да ја води иницијативен одбор, а не Филипче и компанија

Дали може да се случи ваква промена?

За разлика од околностите во критичната 1989 година, СДСМ сега се соочува со два ограничувачки фактора:

Прво, партијата нема лидер и раководство со сенс за неизбежните промени што мора да се случат, со волја за реформи, како и со знаење и со вештина за таков потфат. Венко Филипче како политичар не допира ни до глуждовите на Петар Гошев и на Бранко Црвенковски.

Второ, СДСМ објективно нема две години за вакви промени. За разлика од СКМ, единствена партија во левиот политички блок во раните 1990-ти години, СДСМ денес има жестока конкуренција. Левица е во подем, а наскоро се очекува формирањето на уште една политичка партија со амбиција да се позиционира во граѓанскиот центар.

Во таква ситуација, најбезболно е реформата во СДСМ да ја иницира и да ја води еден иницијативен одбор за преобразба, којшто ќе работи интензивно на овој проект и на подготовка на следниот конгрес на партијата, собир кој уште сега мора да се нарече конгрес на преобразба. Составот на тој иницијативен одбор треба да ја одрази силната волја за коренити промени и за создавање нов политички субјект врз темелите на СДСМ.

Венко Филипче не може да биде предводник на тој процес. Но, тој може да стори една добра работа, со што ќе помогне во преобразбата на СДСМ – може спокојно, одговорно и другарски иницијативата да им ја препушти на луѓе мотивирани и решени да го водат процесот.

А заради кредибилноста на процесот, ниту еден член на партискиот врв, ниту еден човек од рововите на партиската пропаганда и секако ниту еден од групата сиви еминенции, не смее да биде член на тој иницијативен одбор, или на кој било друг начин да влијае врз неговите активности.

Апелирам сите поранешни лидери да ја поддржат преобразбата

Си земам слобода да ги повикам сите поранешни лидери на СДСМ – Петар Гошев, Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Радмила Шеќеринска, Зоран Заев и Димитар Ковачевски – јавно да ја поддржат идејата за целосна и темелна преобразба на партијата, на чие чело беа некогаш. Најмалку толку му должат на СДСМ.

Ги повикувам и сите постари и влијателни членови на СДСМ да ја поддржат идејата и да дадат личен придонес во таа голема и неизбежна промена што мора да се случи.

Да повторам:

Ново име и нов бренд. Одлучна и јасна ревизија на идеолошката линија. Нова политичка програма. Нов лидер. Ново централно раководство. Целосна обнова на општинските организации. Нов пристап кон членството, кон симпатизерите и кон граѓаните.

Ако навистина социјалдемократите сакаат преобразба – ништо помалку од сето ова заедно!

Ако не, тогаш ништо …

Поврзани содржини