ТРИ МИЛИОНИ ГРАЃАНИ БЕЗ ХРАНА Њујорк воведе вонредна состојба поради одлуката на Трамп
Хокул предупреди дека Њујорк нема да дозволи милиони граѓани да останат без пристап до храна поради политички игри во Вашингтон.
Гувернерката на американската сојузна држава Њујорк, демократката Кејти Хокул, денеска прогласи вонредна состојба во државата поради недостиг на сојузни средства за програмата за помош во храна СНАП (позната како бонови за храна), и најави дека ќе бидат насочени 65 милиони долари федерални средства за итна помош.
– Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја укинува помошта во храна за три милиони Њујорчани, што предизвикува невидена јавноздравствена криза и ги загрозува нашите продавници, маркети и земјоделци. За разлика од Републиканците во Вашингтон, јас нема да седам со скрстени раце додека семејствата се обидуваат да обезбедат храна – наведе Хокул во соопштението објавено на интернет-страницата на државата.
Гувернерката ја соопшти одлуката од прехранбен центар во Харлем, нагласувајќи дека Њујорк не може да биде пасивен набљудувач пред заканата федералните СНАП надоместоци да исчезнат за време на претстојниот викенд поради можното запирање на работата на сојузната влада.
Од основањето на програмата, СНАП надоместоците ги финансира сојузната влада, а Њујорк месечно управува со околу 650 милиони долари за речиси три милиони корисници.
Денешното соопштение на гувернерката следи откако Њујорк, заедно со уште 24 други сојузни држави, ја тужеше администрацијата на Доналд Трамп со барање за ослободување на итните СНАП средства.
 
			