АХМЕТИ СТАВИ КАТАНЕЦ НА АЛИЈАНСАТА ЗА ИНТЕГРАЦИЈА Реакција од Вреди за навредливиот јазик на лидерот на ДУИ
Од „загарите“ до „газиместан“, овој срамен јазик е најјасен доказ за губењето на контролата, паниката и политичкиот крај на човек кој 20 години го третираше својот народ како приватна сопственост, реагира Коалицијата Вреди.
Шокирани, но не и изненадени, го слушнавме Али Ахмети како повторно избувнува со банален, навредлив и недостоен јазик за човек кој некогаш тврдеше дека ги претставува Албанците. Од „загарите“ до „газиместан“, овој срамен јазик е најјасен доказ за губењето на контролата, паниката и политичкиот крај на човек кој 20 години го третираше својот народ како приватна сопственост, реагира Коалицијата Вреди.
„Ахмети денес повеќе не зборува како политички лидер, туку како некој што се дави во сопствениот јазик на омраза. Кога човек кој водеше две децении го нарекува својот народ ‘Газиместан’ и го навредува со ‘700 илјади мајки’, тогаш секој Албанец разбира дека овој човек повеќе не претставува никого, освен себеси и неговиот привилегиран круг. Албанците од Северна Македонија, и оние што гласаа за Вреди и оние што гласаа за Националната алијанса за интеграција (НАИ), не се ‘Газиместан’, туку се горда нација, која минатата недела, на 19 октомври, демонстрираше висока демократска зрелост и зборуваше со решителност за промени.
Го почитуваме секој глас и секој граѓанин што учествуваше во овој историски процес, бидејќи на 19 октомври албанскиот народ се ослободи од страв, притисок и политичка уцена“, се наведува во реакцијата на Вреди.
Оттаму порачуваат дека на 2 ноември ќе слават бидејќи Албанците ќе победат во речиси сите албански општини.
„Оваа победа не е само за Вреди, туку и за сите оние кои одбија да живеат под политичкото и моралното понижување на структура која го изгубила секој осет за насока. Али Ахмети може да продолжи со навреди, но историјата е веќе напишана: Народот проговори и го испрати кон политичката бездна“, се додава во реакцијата на Вреди.