ПУТИН И ЛАВРОВ НЕ СЕ ОПФАТЕНИ СО ЗАБРАНАТА ЗА ПАТУВАЊЕ ВО ЕУ Рускиот лидер ќе може да долета во Будимпешта?
Портпаролот на Европската комисија рече дека претседателката Урсула Фон дер Лајен го поздравува секој чекор што води кон праведен и траен мир за Украина.
Рускиот претседател и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров се предмет на санкции за замрзнување на средствата, но „не се конкретно опфатени со забраната за патување“, вели портпаролката на Европската Комисија Анита Хипер на прашање дали рускиот лидер би можел да отпатува во Будимпешта на состанок со американскиот колега.
Во четвртокот, рускиот и американскиот претседател одржаа она што советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, го опиша како „многу суштински, но исто така и исклучително искрен и доверлив“ телефонски разговор што траеше речиси два ипол часа.
Ушаков рече дека Путин и Трамп разговарале за можноста за одржување на уште еден состанок лице в лице и се согласиле дека претставниците на двете страни треба веднаш да започнат со подготовките за самитот, а Будимпешта се споменува како можен домаќин. Двајцата лидери последен пат се сретнаа на 15 август во американската држава Алјаска.
На социјалните мрежи луѓето коментираат за тоа која би можела да биде авионската рута на Путин. Некои ги спомнуваат Турција и Србија како земји кои сигурно би му дозволиле прелет на рускиот лидер.
Like this, I suppose. pic.twitter.com/CqhPGhLLL7
— Czarne Niebo NEWS (@CzarneNieboNEWS) October 17, 2025
Портпаролот на Европската комисија Олофо Гил рече дека „претседателката (Урсула) фон дер Лајен го поздравува секој чекор што води кон праведен и траен мир за Украина.
– Доколку предложената средба за која зборувате служи за таа цел, ние би ја поздравиле изјави тој.
Гил нагласи дека ставот на Европската Унија за Украина е „долгогодишен и добро познат“ и дека „крајно време е Русија да ја прекине својата бесмислена и нелегална војна и агресија против Украина“.
Тој додаде дека иако деталите за предложената средба сè уште не се потврдени, Европската комисија би ја сметала за позитивна „доколку таа би придонела за напредок кон постигнување мир“.
Кога беше прашан дали претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен имала контакт со Трамп во врска со ова прашање, Гил рече дека не може да го потврди тоа, но додаде дека претседателот на комисијата „е во редовен контакт со сите лидери како дел од нашите непоколебливи напори за постигнување праведен и траен мир во Украина“.
Некои го поставуваат и правното прашање во врска со налогот на МКС за апсење на Путин доколку тој стапне на унгарска територија. Унгарија го објави своето повлекување од МКС на 3 април, кратко откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пристигна во Будимпешта, а во мај унгарскиот парламент донесе закон со кој се започнува едногодишен процес на повлекување.
Во меѓувреме, портпаролот Ануар Ел Ануини ја потврди поддршката на ЕУ за Меѓународниот кривичен суд (МКС), по прашањата за обврските на Унгарија кон судот во контекст на нејзината одлука за повлекување од Римскиот статут.
МКС издаде налог за апсење на Владимир Путин во март 2023 година како дел од неговата истрага за воените злосторства во Украина.