„БОРБАТА НА ЛЕВИЦА Е БОРБА НА ДАВИД ПРОТИВ ГОЛИЈАТ“ Мециновиќ ветува детронизирање на монополот на ВМРО и на СДСМ
Со мотивирачки говор во Центар, кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, порача дека Левица влегува во најголемата политичка битка во последните децении, борба на умот и идеите против парите и моќта.
Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, вечерва го отвори изборниот штаб на партијата во општина Центар, со мотивирачки говор во кој порача дека борбата на Левица е најголемата политичка битка во Македонија во последните триесет години.
– Мило ми е што се гледаме денеска, овде. Немам спремено говор, ама може да се задржиме едно три саати – рече Мециновиќ со насмевка, најавувајќи ја енергијата со која ќе ја води оваа кампања.
Тој оцени дека најтешкиот дел од изборната трка е зад нив и дека Левица сега има појасна стратегија и насочена енергија.
– Сега, кога сме веќе во средиштето на кампањата, темпото е прилагодено и супер ни оди – истакна Мециновиќ, додавајќи дека партијата учи од сопственото искуство, без зависност од агенции и политички советници.
– Тоа ни го даде искуството кое ние сами го создаваме, опипувајќи го пулсот на народот – додаде тој.
Мециновиќ ја спореди борбата на Левица со Давид против Голијат, нагласувајќи дека сите финансиски и медиумски ресурси се на страната на големите партии, но дека Левица има нешто што тие немаат — „ум, креативност и желба за вистинска промена.“
– Многу е убаво чувството за овие избори, затоа што го даваме максимумот, а тоа се гледа – рече тој.
Кандидатот на Левица истакна дека граѓаните се сè поотворени кон нив, благодарение на парламентарната работа на партијата. Според него, Левица станува сериозен фаворит, дури и пред СДСМ, за влез во вториот круг во трката за Град Скопје.
– Ќе згазиме! Секој ден ќе бидеме на терен, меѓу граѓаните. Левица веќе не е партија на јабанџии, ова е партија која ќе го детронизира монополот на ВМРО и СДСМ – вели Мециновиќ
На крајот од говорот, Мециновиќ потсети дека политиката мора да се заснова на секојдневниот живот на луѓето.
– Политиката е за мајките со колички кои не можат да поминат по тротоари, за средношколците кои не стигнуваат на часови, за работниците кои работат по две работи. Тоа е равенката која ни донесе успех и која никогаш не смееме да ја напуштиме – порача Мециновиќ.