МАНУ СЕ ИЗНАЧЕКА ДА ДОБИЕ НОВ ЗАКОН До крајот на годинава ќе се изберат нови академици
Претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, апелираше до властите да ги донесат измените и дополнувањата на Законот за МАНУ, зашто предолго се чека на нив.
Потребни се коренити реформи во научноистражувачката дејност и во високото образование при што подигањето на нивниот квалитет мора да се сфатат како услов без кој не се може за хуман и одржлив развој на македонското општество. Притоа МАНУ мора да биде предводник на овие есенцијално важни општествени промени, истакна претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, во обраќањето по повод 58-годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Според првиот човек на Академијата, промените „мора да имаат системски карактер и да се третираат како стратешки приоритети на државата“. Меѓу другото, тие би вклучиле формирање на посебно Министерство за високо образование и наука, унапредена и рационална законска рамка за високо образование, научноистражувачката дејност.
– Македонската академија на науките и уметностите премногу долго време чека на донесувањето на измените и дополнувањата на Законот за МАНУ. Ја користам оваа посебна прилика да апелирам државните институции тоа да го направат што поскоро – истакна академик Попов.
Претседателот на МАНУ укажа и на потребата од гарантирано финансирање на основните функции на државните академски институции (образование, наука, иновациски развој и апликативна дејност), „значително дебирократизирање и поголема флексибилност на Трезорскиот систем, законско дефинирање на минимални критериуми за академско регрутирање, унапредување и избор на раководен кадар, воведување мерки што стимулираат академска извонредност, формирање на посебен Фонд за поддршка на научна работа, сеопфатна програма за социјална грижа на студентската популација и академскиот подмладок, борба против одливот на академски кадар итн.
– За пофалба е што денес, преку активностите на Министерството за образование и наука, сведочиме на создавање клима за реализација на дел од овие суштествени стремежи – посочи Попов.
Во обраќањето тој соопшти дека во научната програма за 2025 се работи на вкупно 75 научно-истражувачки проекти од разни области. Од нив, 45 се реализираат во одделенијата на МАНУ и 30 во истражувачките центри на Академијата. Оддделенијата и центрите при МАНУ за годинава предвидуваат 36 научни собири и конференции, домашни и меѓународни, а се работи и на обемна издавачка дејност – 27 периодични и 40 посебни изданија. Попов се осврна на активностите на секое од одделенијата и истражувачките центри на МАНУ.
Тој потсети и дека 2025 е изборна година во МАНУ и дека се реализира постапката за нови членови на Академијата, нагласувајќи притоа дека таа е „отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, без оглед на нивната етничка, верска и каква било друга припадност“.
– Овластените предлагачи навремено ги истакнаа кандидатурите на оние кои според наведените критериуми и вредности го заслужуваат ова високо општествено признание. Изборниот процес привршува и до крајот на годината Академијата ќе биде зајакната со нови квалитетни дописни и редовни членови во работниот состав и надвор од него – рече претседателот на МАНУ Живко Попов.