МОРА ДА ВОВЕДЕМЕ СИСТЕМ ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАД Тоа ќе го намали притисокот врз депониите, вели Каја Шукова
Ако граѓаните добијат соодветни канти, контејнери и камиони што ќе го подигнуваат селектираниот отпад, количините можат да се намалат и до 50% - вели кандидатката од СДСМ за градоначалничка на Скопје.
Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Скопје од СДСМ, во интервју за ТВ 21 нагласи дека воведувањето систем за селекција на отпад на ниво на домаќинства е суштински чекор за справување со зголемените количини на отпад и за намалување на притисокот врз Вардариште и депонијата Дрисла.
– Мора да почнеме со селекција на отпад уште од дома. Ако граѓаните добијат соодветни канти, контејнери и камиони што ќе го подигнуваат селектираниот отпад, количините можат да се намалат и до 50% во првиот период. Тоа значително ќе го олесни процесот на собирање, транспорт и третман – изјави Шукова во интервју за ТВ 21.
Според неа, Скопје мора да воспостави систем кој паралелно ќе се справува со санацијата на Вардариште и со намалување на вкупната количина отпад која се пренесува до Дрисла. Овие две активности се тесно поврзани.
– Колку е помалку отпадот, толку се поефикасни и поевтини решенијата за неговото третирање – рече Шукова во интервјуто.
Селекцијата на отпадот од изворот домаќинствата е темел на секој успешен систем за управување со отпад, смета Шукова. Граѓаните ќе бидат клучни партнери во решавањето на овој долгогодишен проблем, истакна таа.
Шукова предупреди дека санацијата на Вардариште е сериозен технички и финансиски предизвик, кој бара професионален пристап, точни податоци и стабилно финансирање.
– Во Вардариште има, според проценките, над 2 милиони кубни метри отпад тоа е огромна количина. Еден кубен метар чини околу 10 до 15 евра за отстранување. Само тоа зборува за сериозноста на ситуацијата. Санацијата не е едноставен процес и бара систем за извлекување гасови, набивање на земјата со глина и, можеби, идно зазеленување, но не и парк барем не во следните 15 до 20 години – изјави Шукова.
Таа посочи дека отпадот кој сè уште се наоѓа на оваа локација е стар, длабок и активен, на некои места достигнува длабочина од над 14 метри. Присуството на гасови што настануваат со распаѓањето на отпадот претставува реална опасност од самозапалување, особено ако нема контрола и извлекување на гасот.
– Санацијата на Вардариште не смее да се третира како козметичка мерка. Таа бара системски, научно базиран и долгорочен пристап, со јасен финансиски план. Скопје заслужува решенија што ќе гарантираат безбедност и здрава животна средина за сите негови граѓани – рече Шукова.