Фалично обвинение, судска лакрдија во најава, нов револт на кочанчани против власта – ете кај ја отера работата прокураторот Љупчо Коцевски! 

А владејачкото мнозинство нека си го чува до Нова година. Нека му дава шанси. И елка со лампиони да му накити на манипулантот што работи и против неа и против правдата за Кочани.

4,632

Штом ден по трагедијата во Кочани републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски – непосредно пред парламентот завршно да расправа за неговото разрешување од функцијата – се појави во градот за да ја поведе истрагата, требаше веднаш на сите да им биде јасно дека на крајот ќе добиеме фалично обвинение, коешто треба да биде вовед во една судска лакрдија.

Од тогаш до денес, мене пена ми фати устата од постојани јавни предупредувања дека Коцевски, неговите ментори и неговата екипа подготвуваат опасна манипулација, со цел револтот на унесреќените во Кочани да се артикулира во протест кон „власта“, кон „системот“ и кон други апстрактни ентитети, само за да не се впери прстот кон оние коишто сносат конкретна одговорност и директна вина за трагедијата.






Водев и водам јавна кампања за итна смена на Коцевски, докажувам дека Јавното обвинителство е централната точка од која метастазира канцерот во македонското правосудство. Една група луѓе, инсталати на моќници од поранешниот режим, ја подјармиле таа институција и таа долго време е надвор од политичката контрола на легислатурата избрана од народот.

Предупредував дека започнатата процедура за смена на Коцевски треба да заврши пред изборите (имаше доволно време за тоа). Но, владејачкото мнозинство, на чело со Христијан Мицкоски, можеби со чесна намера и наивно, одлучи на јавниот обвинител да му даде последна шанса да докаже дека правдата и професионалниот морал му се на прво место.

Тешка геостратешка грешка, што би рекол Зоран Заев.

Ете, стаса обвинението. Јас нема да го коментирам. Други тоа го прават многу подобро и постручно од мене. Ќе го пренесам коментарот на адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска, на тезата на Обвинителството, која дословно гласи: „Дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело Тешки дела против општата сигурност од чл.292 од КЗ, не беа предмет на ова обвинение”.

Еве што вели за ова адвокатката:

„Така е, дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата не треба да бидат предмет на обвиниение. Но, вие решивте да смислувате термини како ‘верижни пропусти’ или ‘верижни последователни пропусти’ или ‘синџир на континуирани пропусти’, за да се ‘удварате’ на власта, наместо да разграничите што е криминал поврзан со пожарот, што е злоупотреба и несовесно работење на службите со конкретни докази за истото, а што е системски пропуст за кој не постои индивидуална кривична одговорност, туку постои морална и политичка. Потоа, го налицкавте обвинението со умисла и соизвршителство за да биде ‘тешко’, го избрзавте за да добиете ‘фалби’  и напредувања во кариерата и сега давате вакви смешни соопштенија.

Истовремено, пустиот наш кривичен суд (намерно со мала) мака мачи што да прави, се бори сам со себе што го снашло оти против природата му е да удри силно и одлучно и да го врати обвиниението со јасна порака дека не може да пројде во суд ваква нарачана правна итроштина без докази, а во целиот тој галиматијас се прави дупла штета – семејствата на жртвите збунети и разочарани, општеството со недоверба.

Синџирот е силен онолку колку што е силна најслабата карика. Траумите допрва доаѓаат.“

Точно е, траумите допрва доаѓаат. Бидејќи само со тешка судска лакрдија може да се „одбрани“ вакво обвинение. И тоа им е јасно на сите што барем малку се разбираат во правото.

Професорот Гордан Калајџиев додава дека ваквото обвинение било „политичка нарачка“. Да, но чија нарачка? Од власта? Дали навистина обвинителот Коцевски и неговата екипа ѝ се додворуваат на власта, како што смета адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска?

Ама не, ве молам отворете ги очите барем вие на кои вистината ви значи повеќе од какви било политички антипатии и симпатии!

Целиот контекст, досегашната артикулација на револтот на унесреќените, досегашните протести – сето тоа јасно укажува дека станува збор за обид на Коцевски и на неговата инсталација во Јавното обвинителство од самиот старт да се искомпромитира потрагата по правдата за кочанската трагедија, да се произведе обвинение што ќе виси на стаклени нозе, да се принуди судот да суди со јакобински методи, а кога сето тоа заедно нема да биде доволно да се смират душите на унесреќените кочански семејства, кабаетот да падне на владата.

Чиј најголем кабает, всушност, е што не го смени Коцевски на време, за истрагата за кочанската трагедија да ја преземе саглам обвинител, човек со професионален морал и интегритет.

Конечно, сакам да предупредам дека оваа работа не трпи одлагања, не може да чека до таму некаква Нова година. Можеби сè уште има шанси да се стори нешто во врска со обвинението, да се прекинат некои манипулации и грди планови во кои се впрегнати и политички партии, медиуми и јавни личности (на некои од нив можеби од Господ треба да им биде простено, бидејќи не знаат што прават, но некои многу добро знаат и свесно ширум ја отвораат Пандорината кутија на злото).

Затоа и оваа колумна ќе ја завршам во стилот на римскиот сенатор Катон Постариот, кој секој говор го завршувал со реченицата: „Впрочем, Картагина мора да се уништи!“ Значи, по кој знае кој пат нагласувам – Љупчо Коцевски мора да се смени!

 

Поврзани содржини