ПЕНЗИИТЕ СЕ ЗГОЛЕМЕНИ ЗА 7.000 ДЕНАРИ Мемов вели нема услови за зголемување на придонесот и на границата за пензионирање
Во поднесеното Буџетско барање до Министерството за финансии за 2026 година Фондот на ПИОМ побарал зголемен буџет во вкупна вредност од 149,38 милијарди денари, што е за 13 милијарди денари (211,4 милиони евра) повеќе од буџетот во 2025 година.
На Фондот за пензиско и инвалидско осигурување следната година ќе му требаат дополнителни 10,6 милијарди денари (172,3 милиони евра) повеќе од годинава за да може да ги исплаќа зголемените пензии, вели директорот на Фондот Никола Мемов во интервју за „Вечер прес“.
Мемов вели дека во поднесеното Буџетско барање до Министерството за финансии за 2026 година Фондот на ПИОМ побарал зголемен буџет во вкупна вредност од 149,38 милијарди денари, што е за 13 милијарди денари (211,4 милиони евра) повеќе од буџетот во 2025 година.
Според него, ова зголемување е за покривање на трошоците за исплата на зголемените пензии, што вкупно изнесува околу 10,6 милијарди денари и зголемените расходи за придонесот за здравствено осигурување на пензионерите.
Мемов рече дека 74,23% од изворните приходи учествуваат во делот на исплата на пензиите. Поради тоа, Фондот на ПИОМ од државата, преку Министерството за социјална политика, демографија и млади добива трансфери од буџетот на државата за покривање на трошоците за исплата на пензии, за плаќање на придонеси за здравствено осигурување и транзициските трошоци кон пензиските друштва во вториот пензиски столб.
– Овие трансфери за 2026 година се планирани во износ од 60,15 милијарди денари, од кои 15,23 милијарди се за здравствено осигурување на пензионерите и 15,95 трансфери по основ на задолжително пензиско осигурување – вели Мемов.
Во однос на тоа колкава сума на средства е акумулирана во вториот задолжителен пензиски столб, во кој се префрлаат 6% од уплатените придонеси за пензиско осигурување, Мемов рече дека од јануари 2007 година, заклучно со август 2025 година, Фондот има направено транзициски трошоци кон вториот столб во вкупен износ од 123,667 милијарди денари, а заклучно со 31 јули 2025 година осигурениците во вториот пензиски столб имаат вкупно акумулирано 175,49 милијарди денари (2,84 милијарди евра), согласно објавените официјални податоци на МАПАС.
Мемов смета дека македонските прилики не дозволуваат во овој период да се размислува за зголемување на граница за пензионирање и повисока стапка на придонеси како што предлагаат Фискалниот совет, Светска Бана и од ММФ, но вели за тоа ќе одлучи Владата.
– Мое мислење е дека апсолутно не соодветствуваат со реалните прилики на живот во Македонија, Имено, просечниот период на користење на пензија е 11 години, ако се зголеми старосната граница на 67 години, тој просек ќе падне на околу седум години. Од друга страна зголемувањето на стапката на придонеси за ПИО по автоматизам не мора да значи и зголемување на изворните приходи во Фондот. За оваа тема мора да има дијалог и консултации со приватниот сектор, преку стопанските комори за да се најде баланс за одржливоста на ваков тип мерки – вели тој.
Според Мемов зголемувањето на пензиите во септември ќе го чини Фондот на ПИОМ 5,73 милиони евра, а до крајот на годината дополнителни 17,2 милиони евра.
– Зголемувањето на пензиите од септември по основ на законското усогласување, кое изнесува 1.036 денари на месечно ниво за 340 илјади пензионери, ќе изнесува 352,24 милиони денари, ( 5,73 милиони евра), а до крајот на годината од буџетот на државата ќе треба да се одвојат дополнителни 17,2 милиони евра. Вкупното зголемување на пензиите од минатата година до март 2026 година во износ од 7.000 денари по пензионер за 340 илјади пензионери изнесува 28,56 милијарди денари или 463,63 милиони евра на годишно ниво. Во денешни услови сметам дека е оправдано покачувањето на пензиите на два пати по 2500 денари, септември 2024 и март 2025 година и последното законско усогласување за септември 2025 и март 2026 година за по 1000 денари, за подобрување на животниот стандард на пензионерите во Македонија. Сведоци сме дека има тренд на пораст на платите и следствено на тоа мора да има и зголемување на пензиите – вели Мемов.
Мемов смета дека проблемот со буџетскиот дефицит на Фондот за ПИОМ со зголемен раст на економијата и подобра наплата на придонесите.
-. Кога станува збор за стабилизација на буџетскиот дефицит на ПИОМ потребно е да се гледа големата слика, а не селективно изолиран само Фондот на ПИОМ. За ова постојат три основни мерки: Прво, мора да се обезбеди зголемен економски раст, второ, државата мора да ги наплати во целост сите свои побарувања од сите субјекти и трето директно за стабилизирање на пензискиот систем потребно е да се обезбеди пасивен извор на приходи, за полнење на касата во ПИОМ и во друштвата во вториот столб (акции во профитабилни компании, внимателно инвестирање на пензиските друштва на берзите итн) – вели тој.
Мемов тврди дека нема лажни инвалидски пензии или пензии добиени со фалсификувани податоци откако во Фондот е ова раководство. Што било порано и дали имало такви случаи, рече тој, ќе кажат органите на прогонот, кои веќе имаат отворено постапки, а тие преземаат мерки правата да се остваруваат единствено и исклучиво согласно законските одредби и во предвидените рокови.
Во интервјуто тој зборува и за дигитализацијата во Фондот.