НА НОВИТЕ ЗГРАДИ ЌЕ МОРА ДА ИМА СОНЧЕВИ КОЛЕКТОРИ Што друго предвидуваат измените на законот за енергетска ефикасност?
При секоја инвестиција и реконструкција прво ќе мора да бидат разгледувани и применувани енергетски најефикасните решенија.
Долгорочна стратегија до 2050 година за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради (објекти) кои би требало да достигнат ниво од речиси нула потрошувачка на енергија и обврска – секоја година да се реновираат најмалку 3% од вкупната подна површина на јавните објекти што не ги исполнуваат минималните критериуми за енергетска ефикасност, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за енергетска ефикасност што денеска го поминаа првото читање на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Како што истакна заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ, со измените се воведува начелото „енергетската ефикасност на прво место“ како задолжителен водич при носењето одлуки за одредени политики и инвестиции во јавниот сектор, кај енергетските компании и потрошувачите. Тоа значи, објасни Лабудовиќ, дека при секоја инвестиција и реконструкција прво ќе мора да бидат разгледувани и применувани енергетски најефикасните решенија.
Со Предлог-законот се врши и усогласување со директивите на ЕУ.
-Предвидената стратегија ја отвора вратата за големи инвестиции во термичка изолација, енергетски ефикасни прозори, фасади, системи за греење и ладење, како и обвновливи извори на енергија: соларни панели, фотоволтаици, геотермални системи,…, а тројно зголемената обврска за реконструкција на јавните згради на државно ниво ќе резултира со помали сметки, подобри услови за работа и зголемено анагажирање на домашната градежна индустрија, подвлече заменик-министерот, образложувајќи го предложенит текст.
Според Лабудовиќ, законските измени предвидуваат и задолжително вградување сончеви колектори – секоја новоизградена или реконструирана јавна зграда, вклучувајќи училишта, градинки и институции, ќе мора да вградува системи за соларна топла вода.
-Изминатите години Македонија се соочи со нестабилни цени на енергенси, недоволна искористеност на домашните реусрси, загаден воздух и емисија на јаглерод диоксид, недоволна примена на обновливи извори на енергија и зелени техологии. ЕУ директивите, но и домашните цели за климатска неутралност ни наложија конкретни мерки, рокови и одговорност – рече Лабудовиќ.
Предложениот закон, како што е наведено во текстот, го доуредува правниот основ за донесување уредба со која ќе се определат севкупните цели и придонеси за енергетска ефикасност, ја олеснува изработката на програми за енергетска ефикасност од страна на општините , како и го доуредува правниот основ за донесување уредба за моделите на договорите за енергетски услуги.
Предлог-законот денеска помина и на собраниската Комисија за европски прашања.