ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ПОЛЈАЦИТЕ ПРОТИВ ПРАЌАЊЕ ВОЈНИЦИ ВО УКРАИНА Најмладите генерации најсилно го отфрлаат тој чекор
Сите возрасни групи во Полска се противат на праќањето војници во Украина, иако со различен интензитет, најмногу се противат младите под 24 години (68,6%), додека, пак, најмал процент на противење има кај лицата над 50 години (56,8%).
Речиси две третини од Полјаците (61,1%) се против учеството на полската армија во евентуална мировна мисија во Украина, покажува анкетата на агенцијата Ес-Даблју рисрч.
Како што пренесе Полското радио 24, учеството на полските сили во мировната мисија го поддржуваат 17,3% од испитаниците, додека, пак, 21,6% немаат мислење за ова прашање.
Мажите (63,9%) се малку понаклонети да се спротивстават на учеството на полските војници во мировните мисии отколку жените (58,7%).
Сите генерации се против праќање војници во Украина
Противставувањето на испраќањето војници во Украина постои кај сите генерации, иако процентите се разликуваат – 68,6% од Полјаците под 24 години, 63,6% од оние помеѓу 25 и 34 години, 64% помеѓу 35 и 49 години и 56,8% од оние над 50 години се против таквото учество.
Создавањето воена мировна мисија би можело да биде начин за спроведување на безбедносните гаранции за Украина, за што рускиот претседател Владимир Путин наводно се согласил за време на состанокот со Доналд Трамп во Алјаска. Според извештаите на Блумберг, околу 10 земји се подготвени да ги испратат своите сили во областа на реката Дњепар.
„НАТО не доаѓа предвид“
Меѓутоа, Русија сè уште ја отфрла можноста за распоредување на силите на НАТО во Украина.
Владата во Варшава долго време повторува дека полските војници нема да одат во Украина бидејќи нивната задача е да го бранат источното крило на НАТО. Премиерот Доналд Туск изрази подготвеност да обезбеди логистичка поддршка за потенцијална мировна мисија на Дњепар.
САД, исто така, не планираат да испратат сили во Украина, но американската војска би можела да обезбеди неодредена „воздушна поддршка“ за целата операција, објави американскиот претседател Доналд Трамп.