БИТОЛА НЕ Е СЛЕПО ЦРЕВО КАКО ПОРАНО Коњановски посочи дека градот доживува градежен бум
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека градот во последните 4 години „прерасна во огромно градилиште“, со изградба на нов влез во градот во форма на булевар со пешачки и со велосипедски патеки. Тој додаде дека е деблокиран заглавениот проект за обиколницата Бурса, која ќе ја поврзе Битола со грчката граница и ќе овозможи паралелен пат.
На денешниот настан, Саем-отчет под мотото „4 години работа за тебе“ свое обраќање на панел-дискусијата – „Четири години инвестиции во инфраструктурата“, имаше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека Битола не е слепо црево како во минатото, со тоа што сега се гради забрзано, се вложува во инфраструктурата, со изградба на влезот на Битола, комплетна инфраструктура со пешачки и велосипедски патеки и со нова обиколница во индустрискиот дел-улицата „Бурса“.
– Битола во изминатиот четиригодишен период е навистина едно огромно градилиште. Не е повеќе слепо црево како во минатото. Влезот во Битола го правиме, едно велелепно булеварско решение, првата третина е веќе при завршување, првите 800 метри, булеварско решение со сите стандарди, со комплетна инфраструктура со пешачки патеки, со велосипедски патеки, градот веќе има сосема друг лик и во тој однос. Во делот на инфраструктурата имаме откочување на еден процес којшто беше заглавен и еден кредит којшто беше заборавен за обиколницата Бурса или индустриска која ќе ја поврзува Битола со грчката граница и ќе имаме еден паралелен пат – рече Коњановски.
Градоначалникот Коњановски истакна дека со вториот повик за аплицирање, Битола е лидер со 65 проекти со кои ќе се менува структурата на градот и со кои ќе се добие нов лик.
– Би сакал да ја потенцирам огромната поддршка којашто ја имавме во делот на унгарскиот кредит од Владата, никогаш сме немале таква финансиска поддршка, со овие 2 повика Битола има повеќе од 15 милиони евра, тоа ни даде поттик да работиме на проекти кои сега ги имаме. Битола во вториот повик е лидер со 65 проекти, ја менуваме структурата на градовите, Битола е староградско јадро, ја менуваме водоводната инфраструктура, преку 50 километри улици се направени во овие 4 години, градежен бум имаме во секој град, не само во Битола – вели Коњановски.