ЕДЕН УБОД – БОЛЕСТИ РОЈ Д-р Даниловски предупредува дека комарците во земјава веќе не се шегуваат

Епидемиологот Драган Данаиловски предупредува дека рутинската дезинсекција не е доволна и дека ризикот од комарци останува и по повеќекратно прскање, посочувајќи на опасностите од паразити и други заболувања што се пренесуваат со нивно каснување.

389

Македонскиот професор, епидемиолог и поранешен министер за здравство, Драган Данаиловски, во објава на социјалните мрежи предупреди дека најсмртоносните суштества на планетата, комарците, и ова лето се во офанзива и дека претставуваат сериозна јавно-здравствена закана.

Ви ја пренесуваме во целост неговата објава на социјалната мрежа Фејсбук.






„Најсмртоносните суштества на светот – комарците – и ова лето упорно ни пијат крв – континуирано 24 часа! Најагресивниот вид, „азискиот тигрест комарец“ (Aedes albopictus) галопира со ‘чекори од 7 милји’, освојувајќи територии, уште од 2016 година (кога прв пат е идентификуван кај нас). Нашиот дамнешен „сожител“, домашниот комарец (Culex pipiens) ја изгуби трката. На југот од земјата може да се сретне и маларичниот комарец Anopheles (sacharovi). И сите бодат и пијат крв. Женките. Мажјаците служат за приплод…

Но, не се толку проблем здодевните убоди. И несносното чешање.
Проблем е што некои единки може да налетаат на болни луѓе од одредени болести. Чиишто причинители (вируси, паразити) наоѓаат привремен ‘дом’ во утробата на комарците. Чекајќи нивниот домаќин да касне нова жртва (човек, животно или птица). И да ги пренесе во нивен нов резервоар. До следниот убод на некој друг ‘крвопиец’… и така во круг…
Секој тип од ‘крвопијците’ си има посебен афинитет кон одредени причинители на заразни болести: ‘Летечкиот тигар’ – денга, чикунгуња, зика. Домашниот кулекс – Западно-нилска треска. Маларичниот комарец – маларија.

Ризиците од Западно-нилска треска се реални. Ја има во соседните држави. Имаше и кај нас два случаи минатата година (2024). Ризиците, пак, од денга, чикунгуња, зика и маларија, засега, се како ‘Дамоклов меч’. Зашто, луѓето патуваат сѐ повеќе. И на егзотични дестинации, каде што овие болести се ендемски.

Оттаму, не смее ‘главата да се пика в песок’. Што значи тоа? Тоа значи дека ни оддалеку не е доволно само да се спроведе рутинска дезинсекција (од воздух и од земја, т.н. терестрична). И да се извести јавноста со штура објава во јавните гласила. И толку. Зашто, никогаш не се уништува целата популација комарци. Па, макар се прскало и неколкупати во една сезона. Што значи, ризиците по здравјето се редуцираат, но и понатаму се присутни.

И тие ризици ќе бидат сѐ поприсутни. Со затоплување на планетата, односно климатските промени, ќе се продолжува сезоната на комарци. Најсмртоносното суштество во светот ќе го прошири својот географски опсег во нови региони и повторно ќе почне да се јавува во области во кои бројот на комарци се намалувал со децении.

Екстремните климатски и временски услови како што се суши, топлотни бранови, поплави и врнежи се интензивираат ширум светот. Тие обезбедуваат поволни услови за размножување на комарците и би можеле да помогнат во ширењето на вируси на поголеми географски ширини и надморски висини. Една неодамнешна студија, предводена од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, има предвидено дека повеќе од 8 милијарди луѓе би можеле да бидат изложени на ризик од маларија и денга до 2080 година.

Значи, болестите што се пренесуваат со комарци (ќе) стануваат сѐ позначаен јавно здравствен проблем. Кој никако не смее да се потценува. Заради што, потребна е подготовка на системот за превенција и благовремена реакција на можни предизвици.
Не треба тоа да бидат формални, површни и некоординирани потези.
Потребен е нов пристап – координиран, системски, долгорочен. Холистички пристап. Нова парадигма. Парадигма наречена „Едно здравје“ (One Health approach, One Health paradigm).

Таа ја препознава меѓусебната поврзаност помеѓу здравјето на луѓето, здравјето на животните и животната средина. Таа ја нагласува меѓузависноста на трите области, односно здравјето на една област е тесно поврзано со здравјето на другата.

Во контекст на болестите што се пренесуваат преку комарци, примената на концептот „Едно здравје“ е важна поради сложените интеракции меѓу комарците, луѓето, животните и животната средина во пренесувањето и контролата на овие болести. Овој пристап претпоставува соработка меѓу различни засегнати страни (главните „играчи“): стручњаците за јавно здравје, ветеринарите, екологистите, креаторите на политики и локалните заедници.
Клучните елементи на пристапот „Едно здравје“ за контрола на комарци се следните:

1. Намалување на местата за размножување на комарците со елиминирање на застоените води, подобрување на санитарните услови и ефикасно управување со отпадот (управување со животната средина);
2. Користење на природни предатори или патогени микроорганизми на комарците, како што се ларви од риби или бактерии (Wolbachia, Bacillus thuringiensis israelensis) како алтернативи на хемиските инсектициди (биолошка контрола);
3. Комбинирање различни методи за контрола, вклучувајќи управување со животната средина, биолошка контрола и хемиска контрола (кога тоа е потребно и со одговорна употреба), за да се постигне одржливо и ефикасно намалување на популацијата на комарци (интегрирано управување со вектори);
4. Имплементирање на системи за следење на популациите на комарци, рано идентификување на епидемии на болести и евалуација на ефикасноста на мерките за контрола (надзор и мониторинг);
5. Едукација на јавноста за болестите што се пренесуваат преку комарци, промовирање на лични заштитни мерки (како што се употреба на репеленти, мрежи за кревети, комарници на прозорците) и поттикнување на учеството на заедницата во напорите за контрола.
Во овој сегмент, матичните доктори имаат незаменлива улога. Тие се најблиску до граѓаните, ја уживаат нивната доверба и можат директно да ги едуцираат за:

  • како да се заштитат од убоди,
  • како да ги намалат местата за размножување на комарци во својата околина,
  • кога е време да побараат медицинска помош при појава на симптоми.

6. Поттикнување на соработката помеѓу јавно здравствените установи, ветеринарниот сектор, со секторот за животна средина и други релевантни сектори (меѓусекторска соработка);

7. Препознавање дека животните можат да послужат како резервоари за некои болести што се пренесуваат преку комарци и спроведување стратегии за управување со интеракциите меѓу комарците и животните, како што е третирање на добитокот со инсектициди (справување со животинските резервоари).

Се прашувам, колку елементи од погоре набројаните кај нас функционираат?

Или со други зборови, сме помислиле ли дека е крајно време да организираме пристап „Едно здравје“ во справувањето со овој јавно здравствен проблем?

За почеток, барем да изработиме Програма за справување со болестите што се пренесуваат со комарци и други вектори со јасно дефинирани улоги и одговорности“.

Поврзани содржини