ОДЗЕМЕНО ИМ Е СИНОТО ЗНАМЕ НА 12 ГРЧКИ ПЛАЖИ Им пресуди лошата организација за капачите

Грчкото друштво за заштита на природата соопшти дека без „Сино знаме“ останаа пет плажи на островот Скијатос, четири плажи во општина Нафплио на Пелопонез и по една плажа во Парга, Комотини и на островот Крит.

1,422

Дванаесет грчки плажи останаа без наградата за квалитет „Сино знаме“ и се повлечени од меѓународната листа за 2025 година, поради лошата организација, додека пак квалитетот на водата за капење останува одличен согласно стандардите на програмата, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкото друштво за заштита на природата соопшти дека без „Сино знаме“ останаа пет плажи на островот Скијатос, четири плажи во општина Нафплио на Пелопонез и по една плажа во Парга, Комотини и на островот Крит.






Одлуката е по извршените ненајавени посети, а на конкретните плажи биле откриени недостатоци во задолжителните критериумите што се однесуваат на обезбедување услуги за капачите и посетителите (вклучувајќи ги и лицата со попреченост), безбедност на капачите/посетителите и правилно информирање.

Крајниот рок за исполнување на критериумите бил 1 јули, по што членовите на надлежните комисии на програмата одлучиле, како што е предвидено, да ги повлечат наградите со цел да се зачува престижот и кредибилитетот на институцијата.

– Нагласуваме дека повлекувањето на конкретните плажи од листата се должи на лоша организација и дека квалитетот на водите за капење останува одличен, според стандардите на програмата – соопштија од организацијата која управува со меѓународната програма „Сино знаме“.

Оттаму додадоа дека ќе продолжат со контролите на сите наградени плажи во земјата, кои, во најголем дел, се прават без претходна најава и доколку се утврдат недостатоци во почитувањето на критериумите на други плажи, ќе следат и други отстранувања на сини знамиња.

Грчкото друштво за заштита на природата во средината на мај годинава соопшти дека наградата ја добиле 623 грчки плажи, 17 марини и 17 туристички јахти со што Грција ја задржа втората позиција меѓу 52 земји од целиот свет по сини знамиња што означуваат квалитет на водата за пливање, заштита на животната средина, организација и безбедност на посетителите.

Поврзани содржини