27 ПОЖАРИ ИЗГАСНАТИ, НО 6 СЀ УШТЕ БЕСНЕАТ Македонија во борба со огнената стихија
Состојбата со пожарите драматично ескалира, шест пожари сѐ уште беснеат, додека пет се ставени под контрола. Огнената стихија пустоши низ планини, шуми и села низ Македонија.
Во изминатото деноноќие, Македонија беа регистрирани вкупно 38 на отворен простор, од кои шест сѐ уште се активни, пет се ставени под контрола, а дури 27 се изгаснати. Надлежните служби се во постојана акција, но високите температури и сувата вегетација дополнително ја отежнуваат ситуацијата.
Најкритичните огнени линии се во јужниот и централниот дел на државата. Во општините Василево, Радовиш и Берово, околу селата Нивичино, Мал Готен и во Малешевските планини, пожарот зафаќа нискостеблеста шума, смрека и густа ниска вегетација. Проблематична е и општина Македонски Брод, каде што на неколку фронта околу селата Грешница, Локвица, Крапа и Латово, гори мешана шума, сува трева и деградирана дабова шума. Во месноста Маркова Стапалка, пожарите се распространуваат низ грмушки и сува трева.
Во Прилеп, пожар беснее на подрачјето од село Штавица кон Чумово, Волково и Прилепец, каде што е зафатена ниска вегетација и деградирана шума. Во Желино, помеѓу селата Церово и Групчин, пламените јазици уништуваат нискостеблеста и деградирана шума.
Пет пожари се ставени под контрола благодарение на навремени интервенции. Во Ресен, меѓу селата Шурленци и Езерани, бил зафатен појас од трска и ниска вегетација. Во Дојран, пак, пожарот кај село Николиќ се проширил низ мешана шума. Во Велес, огнот се рашири кај Џидимирци, Крушје и Иванковци, но бил локализиран пред да предизвика поголема штета.
Исто така, во гостиварското село Симница и на Радобилски Рид во Прилеп, каде што пожарот се простирал помеѓу селата Царевиќ и Смолани, се интервенираше успешно, а огнот е ставен под контрола.
Од друга страна, охрабрувачка е веста дека 27 пожари се целосно изгаснати. Најголем дел од нив се регистрирани низ скопскиот регион во Студеничани, Шуто Оризари, Сарај, Кисела Вода и Гази Баба, каде горела сува трева и ѓубре. Слична е ситуацијата и во Прилеп, Долнени, Струмица и Гевгелија.
Во североисточниот регион, Куманово и околните села, како и Липково, Старо Нагоричане и Кратово, исто така беа зафатени од повеќе пожари. Сите тие се изгаснати, вклучувајќи го и големиот пожар кај филтер-станицата во Кратово.
Пожарите не ја заобиколија ниту западна Македонија. Во Брвеница, Желино и Гостивар, пожарите зафатија ниска вегетација, шума и отпад, но се успешно ликвидирани.
Надлежните апелираат до граѓаните за внимателност и пријавување на секое сомнително движење или појава, бидејќи и најмалото невнимание може да предизвика катастрофа.