РАМБО АМАДЕУС СЕ СОЛИДАРИЗИРА СО БАЈАГА Го откажа својот концерт во Солин
Рамбо заедно со Бајага требаше да настапат на 23 август на фестивалот „Кава фест“ што се одржува во хрватскиот град Солин.
Црногорскиот пеач и текстописец Рамбо Амадеус го откажа концертот во Солин. Хрватските медиуми оценуваат дека тоа го направил да покаже солидарност со својот колега Бајага чиј концерт беше откажан.
„Известување до сите фанови – бидејќи не се исполнети сите услови за настапот, само го откажавме концертот на фестивалот во Солин. Се надеваме дека условите за свирката ќе бидат исполнети во иднина“, напиша Рамбо на својот официјален профил.
Рамбо требаше да настапи на Кава Фест во Солин на 23 август, ден по Бајага.
Веста за откажаниот концерт на Бајага ја објави Кава Фест, кој се одржува во рамките на културното лето во Солин:
„Ве известуваме дека концертот на Бајага и Инструктори, кој требаше да се одржи како дел од овогодинешниот Кава Фест во петок, 22 август 2025 година, е откажан поради безбедносни и технички причини.“
Сепак, хрватските медиуми објавија дека причина за откажување на концертот била притисок врз организаторите. Тие „со недели биле изложени на притисок од одредени здруженија и групи кои сè уште го сметаат Бајага за политички непожелна личност“ – без оглед на фактот дека истиот бенд и истиот музичар со години се редовни гости на хрватските сцени, од Пула до Дубровник.