МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ ДИГИТАЛЕН ЛИДЕР НА БАЛКАНОТ Владата потпиша меморандум со Дојче Телеком

Планирани 40 милиони евра инвестиции до 2028 година. Целта е Македонија лидер во дигитализација во ЈИЕ.

646

Македонски Телеком потпиша Меморандум за разбирање со Владата, со што се потврдува заедничката цел на двата најголеми акционери во компанијата за дигитална трансформација и просперитет на земјата.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски се сретна со Тимотеус Хетгес, Главен извршен директор на Дојче Телеком и Доминик Лерој, Член на Управниот одбор на Дојче Телеком, ГИД за Европа. Меморандумот го потпишаа Горан Марковиќ, Главниот извршен директор на Македонски Телеком и Стефан Андоновски, Министерот за дигитална трансформација.






– Денешниот Меморандум за разбирање е потврда на нашата определба за дигитална иднина – за општество во кое технологијата служи на граѓаните, институциите и бизнисот. Со оваа соработка со телекомуникациските оператори, поставуваме силна основа за унапредување на дигиталната инфраструктура, поголема поврзаност и попристутни, поквалитетни услуги за сите. Владата останува посветена на целосна дигитализација на јавните услуги, воведување на паметни системи и градење на современа, ефикасна и транспарентна држава. Ова е чекор напред во визијата за Македонија како дигитална земја – со силна економија, модерна администрација и граѓани кои лесно, брзо и без бариери доаѓаат до услугите што им припаѓаат – изјави Христијан Мицкоски, Претседател на Владата.

Дојче Телеком, глобалниот телекомуникациски лидер во светски рамки е присутен во земјата преку Македонски Телеком веќе 25 години и значително придонесува за развојот на телекомуникациската индустрија во земјата. Со инвестициите од 1,15 милијарди евра во изминатите 25 години, македонските граѓани и компании имаат пристап до најсовремена инфраструктура – гигабитна оптичка мрежа достапна за над 60% од домаќинствата и најбрза 5G мрежа, како и иновативни решенија за паметен град, телемедицина, сајбер безбедност што позитивно влијае на економскиот развој и целото општество.

– Ние сме присутни на македонскиот пазар повеќе од две децении, не само како оператор, туку како партнер којшто гради силна инфраструктура и дигитално општество и поттикнува прогрес за сите граѓани на оваа земја. Подготвени сме да одиме само напред, со нови инвестиции и иновации. Преку одлична соработка, заедно со Владата ќе се движиме кон истата цел – Македонија да стане водечка земја во дигитализација и клаудификација во Југоисточна Европа – изјави Тимотеус Хетгес, Главен извршен директор на Дојче Телеком.

Во име на Владата на Република Македонија, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денес го потпиша меморандумот за соработка со Македонски Телеком. Потпишувањето на овој стратешки документ претставува значаен чекор кон унапредување на дигиталната инфраструктура.

Андоновски истакна дека ова е стратешки чекор напред во делот на дигиталната трансформација на државата и олеснување на барањата на граѓаните.

– Денешното потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Владата на Република Македонија и Македонски Телеком претставува стратешки чекор напред во нашата визија за дигитална Македонија – инфраструктурно поврзана, технолошки напредна и економски конкурентна. Со овој документ ја подигнуваме соработката на едно повисоко ниво – од досегашна меѓусебна поддршка, кон долгорочно стратешко партнерство со јасно дефинирани цели и заедничка одговорност – истакна Андоновски.

Целта на овој Меморандум е да се зацврсти партнерството и договори идната соработка, особено за постигнување на дигиталните цели од европската политичка програма за Дигитална декада за 2030 година, со што ќе се постават дополнителни основи за пристапување на Македонија во Европската Унија.

Договорени се конкретни активности за постигнување на заедничките цели, како што се: пристап до гигабитна мрежа за сите, дигитална трансформација на бизнисите и дигитална достапност на клучните јавни услуги. Македонски Телеком ќе инвестира 40 милиони евра во дигитална инфраструктура до крајот на 2028 година и се обврзува да испорача најсовремена фиксна мрежа за 70% од домовите и претпријатијата, да покрие 99% од населението со 5G мрежа и да инвестира во сопствен Дата центар како клучна компонента на дигиталната безбедност на земјата.

Дополнително, Телеком ќе продолжи да вложува во намалување на дигиталниот јаз преку проекти за млади за борба против омразата на интернет, иницијативи за дигитална писменост, хакатони за развој на иновативни решенија, поддршка на дигитално образование во рурални средини итн. со што ќе придонесе во градење еднакво дигитално општество за сите.

Поврзани содржини