НЕ ПОЛЕВАЈТЕ ТРЕВНИЦИ И НИВИ, НЕ ПОЛНЕТЕ БАЗЕНИ! Делови од Скопје без вода или со намален притисок

Апелираме до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење базени и слично, велат од  ЈП Водовод и канализација Скопје.

457

ЈП Водовод и канализација – Скопје ја информира јавноста дека продолжува енормно зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, што предизвикува повторно нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем.

Како последица на сето ова, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот.






– Имајќи го предвид фактот дека градот Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода за пиење од непроценлива вредност, апелираме до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење базени и слично, велат од ЈП Водовод и канализација Скопје.

Оттаму апелираат до органите на локалната самоуправа, согласно надлежностите, преку службите со кои располагаат, како и преку Месните заедници на територија на општините, да се ангажираат во подигање на свеста кај жителите на општините за рационално користење на водата за пиење.

Водовод апелира до жителите на град Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 02 3073 010, [email protected] или www.vodovod-skopje.com.mk

Со дивите приклучоци, како што велат од  ЈП Водовод и канализација – Скопје, се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснадбувањето до сите корисници во град Скопје.

Поврзани содржини