ДИРЕКТОРОТ НЕ ГИ ФЕРМА, ТИЕ НА ПРОТЕСТ БАРААТ ДВЕ ПЛАТИ Вработените во „Флораком“ го блокираа влезот на „Паркови и зеленило“
Од СУТКОЗ најавуваат кривична пријава против директорот за неисплата на плати согласно Општиот колективен договор, како и пријава за неисплата на регрес за годишен одмор.
Вработените од „Флораком“ која е фирма ќерка на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ денеска одржаа едночасовен протест пред влезот на јавното претпријатие барајќи исплата на 2 плати и исплата на здравствено и пензиско осигурување. Доколку до 15-ти јули, до кога е законскиот рок за исплата на плата, не им бидат исплатени двете плати, најавуваат порадикални мерки со блокирање на раскрсницата на булеварот „Илинденска“.
– Неодговорноста за неисплатените плати е директно кај менаџментот на „Паркови и зеленило“. Досега вработените немаат земено 2 плати и доколку двете плати не се исплатат до 15-ти во месецов до кога е законскиот рок за исплата на плата, на 16 јули ќе ја блокираме раскрсницата пред влезот на „Паркови и зеленило“- изјави претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски.
Кашиковски посочи дека повеќепати досега се обиделе да стапат во контакт со раководството на „Паркови и зеленило“ и дека ниту еднаш досега директорот не ги повикал на средба за решавање на проблемите на вработените.
Од СУТКОЗ најавуваат кривична пријава против директорот за неисплата на плати согласно Општиот колективен договор, како и пријава за неисплата на регрес за годишен одмор.
– Повеке пријави имаме поднесено и до Државниот инспекторат за труд за што директорот е должен да постапи, но според нашите информации, тој ги плаќа казните од парите на вработените и не постапува по закон и по Колективниот договор за исплата на платите и додатоците на плата – изјави Кашиковски.