ДРЖАВАТА ГИ ПОКРИВА РЕЧИСИ СИТЕ ТРОШОЦИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КОЧАНИ Намален бројот на поплаките од семејствата

Иако најголем дел од трошоците се покриени, некои семејства бараат продолжени боледувања за повеќе придружници – што, според законот, моментално не е дозволено. Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, нагласи дека Фондот не може да прави нешто надвор од законот, но дека бара решение, како и дека сè уште има пациенти на болничко лекување, со потреба од поддршка.

77

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денеска изјави дека бројот на поплаки од семејствата на повредените во пожарот во Кочани е значително намален и дека огромен дел од здравствената заштита на повредените е покриена од страна на државата, а не од донации.

– Еден дел од барањата не се за лекови, туку се во однос на боледувања кои веќе излегуваат надвор од законот, а ние не можеме да правиме нешто надвор од законот. Во однос на боледувањата, дел се однесуваат за должината на боледувањето на придружниците и колку придружници можат да користат боледување, бидејќи нашиот закон во основа предвидува еден придружник и ограничено време. Меѓутоа бараме решение и за ова бидејќи сме свесни дека сѐ уште имаме повредени пациенти во болница – рече Клековски во изјава за медиумите, дадена по денешната средба со медиумите на која даде осврт на сработеното во изминатата една година.






Во однос на состојбата на пациентката што се наоѓа во „Систина“, Клековски информираше дека таа сѐ уште се наоѓа на интензивна нега, но дека нејзината состојба е стабилна. Вториот пациент, кој исто така е згрижен во „Систина“, се уште е на интензивна нега заради повторување на инфекции и покрај тоа што се третира со најсовремени антибиотици.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Повредените по првичниот третман беа препратени на лекување во странство, а по нивното враќање во земјава сега се во процес на рехабилитација.

Поврзани содржини