🎥 „УБАВА СИ И ОДНАТРЕ И ОДНАДВОР“ Дали Трамп флертуваше со новинарка или само ѝ даде искрен комплимент?
Американскиот претседател Доналд Трамп се пошегува дека коментар како неговиот би можел да му ја загрози политичката кариера, но сепак рече дека би сакал да има повеќе новинари како дописничката од Африка, Харијана Вераш.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, предизвика незгодна сцена во Овалната соба во петокот, откако ѝ рече на новинарка дека е убава и изрази желба да има повеќе новинари како неа – коментар што самиот го нарече ризичен за неговата политичка кариера, објави Дејли бист.
Настанот се случи за време на потпишувањето на мировен договор помеѓу Демократска Република Конго и Руанда, посредуван од САД, кој има за цел да стави крај на децениските крвави конфликти во источен Конго.
На церемонијата присуствуваа и американскиот потпретседател, Џеј Ди Ванс, државниот секретар Марко Рубио, како и министрите за надворешни работи на двете африкански држави – Терезе Кајиквамба Вагнер од Конго и Оливие Ндухунгирехе од Руанда.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, ја покани новинарката Харијана Вераш, дописничка од Африка, да се обрати на присутните. Таа зборуваше за надежта што ја почувствувала кај луѓето во Конго откако се дозна за договорот и спомена дека претседателот на Конго, Феликс Тшисекеди, сака да го номинира Трамп за Нобелова награда за мир.
Трамп ѝ возврати со зборовите:
– Тоа беше толку убаво кажано. Каролин (портпаролката Каролин Левит) ми рече веднаш: „Немој да го кажеш тоа, тоа е политички некоректно“. Но, таа рече дека си прекрасна. И навистина си прекрасна! Знам дека не треба да го кажам тоа, нели? Тоа може да значи крај на мојата политичка кариера, но сепак ќе го кажам. Ти си прекрасна – и однатре и однадвор. Би сакал да има повеќе новинари како тебе.
Сцената беше изведена во шеговит тон, но се одвиваше во рамки на сериозна дипломатска церемонија.