РЕКОРДНИ 55.627 ВОЛОНТЕРИ СОБРАА 645 ТОНИ ОТПАД „Генералка викенд“ е најмасовна екоакција што создава нова свест и еколошка култура
Почнувајќи од 2021 година, досега, во екоакцијата учествувале над 100.000 волонтери, а собран е повеќе од 1,5 милион килограми отпад.
Рекордно учество од 55.627 волонтери и повеќе од 645.000 килограми собран отпад на територијата на сите општини во Македонија – ова се резултатите од годинешнава, петта еколошка акција „Генералка викенд“ што се одржа од 9 до 11 мај. Во тридневната акција беа вклучени повеќе од 600 владини и невладини организации и институции, со логистичка и партнерска поддршка од голем број компании, обединети во заедничка цел за почиста и поздрава Македонија.
Според резултатите ова е најмасовната и најуспешната екоакција во Македонија.
– Ја поздравувам иницијативата „Генералка викенд“ како најмасовна волонтерска акција. Ние како Влада и како Министерство за животна средина и просторно планирање ги поддржуваме сите акции во кои се покажува силна иницијатива, јака волја, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и за следните генерации. На нашиот пат кон Европа, треба да се однесуваме европски. Министерството за животна средина активно работи на воспоставување на системот на интегрирано и одржливо управување со отпадот – вели министерот за животна средина Изет Меџити.
Во рамки на акцијата беше организирана и едукативната иницијатива „Генералка викенд – Еко час“, реализирана во партнерство со Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ. Во неа беа вклучени повеќе од 36.000 ученици и 1.900 наставници, кои низ различни активности во своето опкружување придонесоа за почиста животна средина, а резултатите од нивниот труд беа презентирани во училиштата.
Врз основа на меморандумот во траење од 10 години, кој Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми го потпишаа со „Мен енд Маунтен“ во 2022 година, договорено е секоја година по завршувањето на „Генералка викенд“ во ноември да се реализира вториот дел од волонтерската акција наречена „Сончева Гора“ што е акција за пошумување. Според договорот, на секои 10 килограми собран отпад државата посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување.
– Нашето земјоделство е директно зависно од квалитетот на природните ресурси, а секоја активност што го заштитува животниот простор влијае и на подобрувањето на квалитетот на производите што ги добиваме од природата. Ние сме посветени на продолжување на поддршката за вакви иницијативи кои имаат долгорочен ефект на општеството и животната средина – вели Борче Серафимовски, државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во рамките на овие акции за пошумување, во изминативе 4 години беа засадени над 125.000 садници на различни голи локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.
Почнувајќи од 2021 година, досега, во екоакцијата учествувале над 100.000 волонтери, а собран е повеќе од 1,5 милион килограми отпад.
– Континуитетот и растот на „Генералка викенд“ низ годиниве се доказ дека ваквите еко-иницијативи може да имаат сериозно позитивно влијание во општеството. Резултатите постигнати во изминативе 5 години покажуваат дека кога ќе се здружат граѓаните, институциите и бизнис-секторот промената е неизбежна. Вредноста на оваа акција не е само во бројките, туку во градењето свест, бидејќи ова не е прашање само на чиста околина туку и на создавање култура на одговорност и грижа – вели Снежана Савиќ-Димовска директор во „Пивара Скопје“.
По повод 5-годишниот јубилеј на „Генералка викенд“ од 17 јуни почнува патувачка изложба која ќе биде поставена во сите ЕУ центри во земјата. Патувачката изложба ќе започне во Тетово, а потоа ќе патува во Струга, Битола, Струмица, Велес, Крива Паланка и ќе заврши во Скопје, во ноември годинава.
„ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е доказ дека со посветеност и преданост можеме заедно да создадеме чуда. И покрај сите проблеми во нашата земја, луѓето покажуваат дека имаат моќ за обнова. Благодарност до волонтерите и луѓето во општините“, се заблагодарија Гордана Софија и Ханес Јекл од Мен енд Маунтен.
Главен стратешки партнер на „Генералка викенд“, четврта година по ред е Пивара Скопје, а поддршка има и од официјалните партнери: Пакомак, Нула отпад, Шпаркасе банка, ЕВН Македонија, Макстил, Бучим Боров Дол, Саубермахер и Костал. Акцијата, која е во организација на Мен енд маунтен беше поддржана и од ЗЕЛС и Црвениот крст.