📷 ОД ОБИЧНИ МОМЧИЊА ДО ВЕЧНИ ХЕРОИ Одбележана 82-годишнина од стрелањето на 12 младинци од Ваташа

Пред споменикот и бистите на младите луѓе се собраа претставници на институции, ученици, граѓани и делегации, за да им оддадат почит на овие храбри момчиња кои, како што беше речено, иако обични, станаа вечни херои.

2,078

Со полагање на свежо цвеќе и пригодна програма, денеска во месноста Моклиште кај селото Ваташа беше одбележана 82-годишнината од бруталното стрелање на 12 младинци, кои за време на Втората светска војна го положија животот за идеалот на слободата.

Пред споменикот и бистите на младите луѓе се собраа претставници на институции, ученици, граѓани и делегации, за да им оддадат почит на овие храбри момчиња кои, како што беше речено, иако обични, станаа вечни херои.






– Тие беа млади – со соништа, со љубови, со живот пред себе. Но, во мигот кога слободата беше задушена, тие не молчеа. Не се скрија. Се исправија. Се издигнаа. Со голи раце, но со огнени срца, го избраа отпорот наместо покорот. Правдата наместо стравот. Македонија – наместо себеси – рече меѓу другото градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, во своето обраќање.

Тој подвлече дека Ваташките младинци биле обични момчиња од народот, но со нивната храброст и одлука да не потклекнат пред фашизмот, тие засекогаш остануваат симбол на отпорот.

– Никогаш нема да дозволиме да бидат заборавени – нагласи Јанчев.

Во рамки на настанот беше одржан и историски час од страна на кустос-историчар Натка Китева од Музеј галеријата во Кавадарци, а присутните имаа можност да проследат и пригодна културна програма во чест на 12-те младинци, кои и по осум децении остануваат дел од историската меморија на македонскиот народ.

 

 

За потсетување, масакрот во Ваташа се случил на 16 јуни 1943 година кога биле стрелани 12 младинци од селото Ваташа во близина на Моклиште кај месноста „Чаир“, на 2 км оддалеченост од Ваташа. Колежот го извршила бугарската воjска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија, се наведува во информацијата објавена на Википедија.

Поврзани содржини