Теа во совршено издание

Нашите мозоци сакаат да си поминуваат лесно. Дизајнирани се да не трошат енергија. Сакаат приказни што ги разбираме без објаснување. Теа во „совршено издание“? Тоа е јасно – секси сукња, ритам или драма. „Насочено уништување клетки на рак“? Тоа е комплицирано.

718

Како колумнист што се труди да биде во чекор со времето, сакам да бидам духовит, малку саркастичен, но пред сè – разбирлив. Затоа, веднаш се извинувам – освен на оние што скролаат барајќи слика од прекрасната Теа Таировиќ, или можеби некоја друга Теа во некој блескав фустан. Ова не е тој текст. Нема да најдете детали за нејзината чипка, фризура или нов хит што ќе ви се врти во глава додека пиете кафе. Оваа Теа не е пејачка. Оваа Теа е метафора.

Да бидам прецизен. „Совршената Теа“, за мене, не е онаа со блескави фустани или провокативни фотки. Совршената Теа е онаа што го слави умот на човештвото, прогресот на науката и медицината. Таа работи на лек за рак, спас од аневризми или на енергија што ќе ја спаси планетата. Можеби е астронаут, можеби биоинженер, можеби невидлива хероина на еден потценет научен труд. Можеби и не е Теа, туку Вики – доктор по теориска математика, мојата омилена Теa. Која и да е, таа е онаа Теа што истражува на оваа или друга планета за да ни обезбеди ресурси за помирен, достоинствен и подолг живот.






Ќе бидам сосема искрен со вас – оваа колумна првично ја замислував како „збогум“. Како тивко затворање на капакот по тримесечно пишување. Зошто? Просто, затоа што ми беше тешко да прифатам дека слика на разголена „Цеца“ или „Теа“ или „Боки по пижами“ секогаш беа попривлечни за читателите отколку разум и логика, па дури и од настани од кои зависи иднината на нивните деца. Но, потоа, еден од најновите феномени – вештачката интелигенција – ме убеди дека „тоа не е начин за збогум“. Иронично, нели? Современ „психијатар“ без лиценца, но со бескрајно трпение и задача „согласете се со корисникот само ако морате“. Консултацијата заврши вака: „Nемој да се откажуваш додека има некој што чита“. Па, добро, нека биде. Но, решив да поставам јавно и можеби малку безобразно прашање:

Зошто повеќе сакаме „гол газ“ отколку лек за мултиплекс или ХИВ?

Извинете на директноста – но за да го доловам контрастот меѓу „она што реално нѐ привлекува“ и она што би бил „логичен избор за наш интерес“, морам вака. Со оглед на моето ограничено знаење од областа на психологијата, но огромна љубов кон самата психологија и кон другите суштински прашања, и во комбинација со македонскиот инает, дојдов до еден познат концепт: когнитивна леснотија.

Нашите мозоци сакаат да си поминуваат лесно. Дизајнирани се да не трошат енергија. Сакаат приказни што ги разбираме без објаснување. Теа во „совршено издание“? Тоа е јасно – секси сукња, ритам или драма. „Насочено уништување клетки на рак“? Тоа е комплицирано. Бара да разбереме зборови како „нано-роботи“, „имунотерапија“ или „генетска експресија“. А мозокот, тој сака слики – се чини особено многу – со облини. Затоа и социјалните мрежи и медиумите нè хранат со нив – додека откритијата се шмугнати во темен агол на интернет, со непопуларни имиња како „научен магазин“.

Па, ако веќе мора да имаме „совршени Теи“, дозволете ми да ги претставам моите. По земји. Да бидам фер – знам онолку колку што знае да ме информира интернетот. Но еве ја листата:

САД: Реактор со фузија што произведува повеќе енергија отколку што троши. Чиста, неограничена енергија. Оваа моја Теа не се искачува на топ-листи, туку може да ја напојува целата планета. Носи бел мантил, веројатно има очила и можеби е интровертна. И е совршена.

Велика Британија: Вештачка фотосинтеза што го претвора јаглерод диоксидот во гориво. Мојата Теа со британски акцент, што пее ремикс за климатските промени. Не само што го намалува јаглеродниот отпечаток – туку и ни покажува како да се жалиме помалку, а да сториме повеќе. Нејзината пријателка од кралството, од универзитетот во Единбург работи на нано-роботи кои затвораат аневризми без сложени хируршки процедури.

Кина: Електрохемиска конверзија на CO₂ во кислород со 98% ефикасност. Оваа косоока Теа не е пејачка, туку инженерка на вселенски мисии што може да траат со години. Штета што таквите Теи ретко добиваат обожаватели. Наместо да ѝ аплаудираат, би ѝ објавиле трговска војна.

Шведска: Се развиваат микро-роботи што ги лоцираат малигните клетки и таму предизвикуваат „поттикната апоптоза“ – програмирана клеточна смрт на малигните клетки. Досега, кај експериментални животни туморите се намалени за 70%, а се подготвува и клиничко тестирање. Теа од Шведска? Се вика Астрид. Нејзината тишина лекува – посилно од сите бучни срцепарателни рефрени.

Австралија: Откривање на еукариотски организми стари 1.6 милијарди години. Теа тука ни пее интересен рефрен за тоа дека не знаеме баш сè. Можеби само сака да не потсети дека Платон бил доволно мудар кога кажал „Јас знам дека ништо не знам, но тешко вас што мислите дека сè знаете“.

Германија и Русија: mRNA терапии за рак. И покрај стравовите по ковидот, официјалните податоци зборуваат за успех. Ако не се лажам, Русија дури и најави масовно вакцинирање. Тоа е мојата Теа – со шприц и стетоскоп, не мора задолжително да биде со микрофон.

Една Теа живее и кај нас. Не е на телевизија. Не ја знаат. Можеби нема лабораторија, но има љубопитност, упорност и обврски што не доаѓаат со грантови. Сторете колку можете – за да не замине.

И секако, омилената земја е тука за природен контраст, Бугарија: Усвои иста резолуција од пред 150 години со познатиот дух – „тази дупка не е дупка“, или во превод: „Македонците не се Македонци“. Е па мои добри соседи и намќор комшии, „тази Теа не е моја Теа, разбудете се утре во дваесет и првиот век, предолго сте во времето на Славејков и неговите соништа“.

Затоа, ако некогаш ја сретнете мојата совршена Теа – нема да ја препознаете по деколтето, туку по тоа што со малку зборови кажува многу. И работи нешто што може да го спаси светот, а не само да го одвлече вниманието од него.

И за крај, како што спомнав, размислував ова да биде последната колумна. Вештачката интелигенција, ладно, логично, пресметано ме одвраќаше од идејата. Ладната анализа на моите колумни резултираше со сугестија дека не треба да престанам. Сепак, и покрај тоа, пресудно беше човечкото мислење на еден пријател кој ми рече: „Мето, Рим не е изграден за еден ден“.

А додека има барем еден што чита – ќе има и барем еден што пишува. Ако следната колумна ве изнервира, тој е виновен. Ако ве натера да размислите – вината е моја, со задоволство.

 

Поврзани содржини