Многу доктори – килава држава

Целиот „медицински“ персонал што ги опслужува, оние разноразни полуписмени „сестри“ и „браќа“, ја дополнуваат поразителната слика и нашето несопирливо тонење.  

456

Кога ќе пуштите онакви – акцентот секако е на онакви! – доктори како Филипче и Таравари на во политичкиот ринг, добивате реална претстава за македонската политиката – поточно политикантство – со што пак, во вистинската светлина, ви се прикажуваат и објективните состојби во македонското здравство. Зашто, да не заборавиме: двајцата беа и министри (или „министри“) во тој ресор, за да после нив здравството уште повеќе се доближува до „височините“ на средновековно надрилекарство и алхемија. Кадешто, очигледно е веќе, сите се занимаваат со сѐ друго освен со она за што учеле. И примале плата, патем.

Се разбира, никако не го заборавам и третиот доктор – оној кој глумеше „министер“ за надворешни работи, а исто така беше и „министер“ за здравство! – но тој е башка приказна. Иако секој со свои политикантски специфики, трите здравствени мускетари споделуваат една заедничка особина: нескриена страст за моќ и очебијна наклонетост кон говорните „вештини“ на оној барон Минхаузен (Karl Fridrih Hijeronim Minhauzen)!






Притоа, лагите на, на пример, претседателот на куќниот совет викан сдсм (малите букви се…) за „златната виза“ – којашто, by the way, станува негов вистински „заштитен знак“ – е слика и прилика и на неговата бедна „дружина“, а особено на оној негов хор од мегафони кои така здушно и понатаму ни ја нудат неговата маленкост како наш излез односно влез на Македонија во преговори со еу (малите букви се…). Такво однесување не можете да поврзете ни со некаков врвен стручњак во областа, уште помалку со партиски лидер и човек кој може државата да ја однесе некаде. Освен на распродажба, онака топтан, во Дубаи, или Бугарија!

Но, што е уште поинтересно, докторов, покрај сѐ друго, се амбицирал да биде и популист – што, патем, некако највеќе му одговара – па се сетил да предлага закон за поддршка на настраданите во Кочани, ама којшто, после цели шест години (?!) ќе бил применлив и на трагедиите од времето на криминалната коалиција сдсм-дуи (Ласкарци, Тетово, Струма), во којашто тој беше министер и директно одговорен (барем) за една од нив! (Велам барем за да не заборавиме што сѐ се случуваше во државава за време на КОВИД-19, а остана неказнето!). А под тој и таков Предлог-закон, онака најбезобразно и без ронка срам, под „шефот“ се испотпишале уште 13 пратеници – сите со „портфолио“ од коешто ви се превртува стомакот.

Денес, истиот доктор-махер за „златни визи“, вакцини, закони…, држи предавање како „Владата има обврска да ги објави сите информации“ за договорот за стратешка соработка со ОК, заборавајќи на оние моснтруозни седум години, па и на онаа историска долгоопашеста лага што ја предеа неговите пајташи Заев и Османи околу Договорот со Бугарија, протоколите, почнувањето на пристапните преговори со еу и слични будалаштини. Дури упорно и најбезобразно агитира против некаква „блокада на патот кон Европската Унија“ којашто, ете, ќе ни даде некакви „неповратни грантови“, ама премолчува што сѐ ние треба да дадеме за возврат. Или тоа не му е важно? Па којзнае, можеби ни мене не би ми било да ја имам неговата „златна виза“?

И сега, истиот безобразлук како шаблонски пресликан го гледате практикуван и од неговиот колега Таравари, кој баш минхаузеновски им ветувал на неговите гласачи дека за шест месеци ќе ги однесе директно во Брисел како горди членови на онаа еу. А можеби ветувал и дека ќе им најде работа, секако добро платена, сместување, визи за престој (иако не баш „златни“) и др.? Или докторот сериозно се заиграл па мислел дека ќе биде премиер? Ама ни премиер не би можел да дава такви невозможни ветувања. Што пак повторно нѐ враќа кај македонскиве „доктори“ кои себеси се гледаат како – оној горе, без оглед кој како го нарекува, Алах или Господ?!

Вклучувајќи го тука, секако, и третиот доктор, оној кој онака широкоградо нѐ продаваше на Бугарите. Онака топтан, како народ, ама со „забетониран“ чист македонски јазик! И кој и денес би го направил истото, повторно преку манипулации и извртувања на зборови и практики, како што впрочем, тотално шарлатански, се обидува да прави вербални акробации со изјавата на претседателката за неговото потпишување на фамозните протоколи во која таа, со право, го критикуваше за пречекорување на овластувањата во однос на протоколот што потоа станува дел од Преговарачката рамка. И наместо, после сѐ, барем да се извини, докторот манипулира со замена на протоколот и Преговарачката рамка, па дури држи и предавање дека „од една професорка, сепак се очекува барем основно познавање на материјата“! Па белки се очекува и од еден доктор, ако веќе решил да глуми министер и трговец со народи?

Па следствено замислете кога утре пациент со сериозна мака ќе седне наспроти вакви лекари. А кутриот нема избор. Што е чиста персонификација на македонската политичка ситуација in continuo, каде сите ние зависевме од такви „доктори“ со различни професии, без оглед дали се викале Георгиевски, Тупурковски, Бучковски, Груевски или Заев – оној Ковачевски сепак беше на ниво на медицински брат! – и цела држава одеше на поклонение кај нив. Па и на „операции“! И, да немаме недоразбирање: не го заборавам Црвенковски и неговата „клика“, но тој сепак, со сите негови будалаштини, барем јавно беше едно академско скалило над овие тутурутки.

И тоа, всушност, е комплетната историско-политичка „слика и прилика“ на Македонија, каде веќе за локалните избори гласачите (повторно) ќе се соочат со барем две „партии“ со такви „доктори-лидери“ и уште една со третиот како некаков барон гласноговорник. Но килавоста на македонската држава, особено на нејзината комирана демократија, не е последица само на ваквите и слични „доктори-политиканти“ кои преку нас си наоѓаат прилично вносна забава во здодевното им секојдневие. Целиот „медицински“ персонал што ги опслужува, оние разноразни полуписмени „сестри“ и „браќа“, ја дополнуваат поразителната слика и нашето несопирливо тонење.

Какви ли лекоумни шутраци бевме кога дозволувавме – па и дозволуваме – секој да си игра политичар, па и партиски лидер, да ни поттура „рог за свеќа“ со којашто подобро ќе сме гледале. Луѓе се спремаат на Марс да одат, овие уште нѐ држат на свеќи. Односно ние сериозно мораме да се замислиме колку самите сме придонеле за ваквиот „третман“ што го добива(в)ме од секакви „доктори“ не само денес, туку со децении назад.

П.С.

И бидејќи, како што гледаме, отворен е процесот на самокандидирање за испразнетата министерска фотелја во здравството, не знам дали и јас да се самокандидирам? Обајцата родители ми беа лекари со највисоко научно односно стручно звање, па белки исполнувам некој критериум?!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини