Стари баби сретсело

Вакви „наративи“ стануваат наша специјалност. Како и оној дека еу „ја брани Северна Македонија сама од себе“. Настрана што ваквите политиканти упорно си ја понижуваат земјата со она „Северна“, но изгледа дека за таквите и слични локални улични „философи“ и муабетчии еу е нешто големо и значајно, и секогаш во право. Тие дури ѝ го делегираат и својот идентитет, во пакет со нашиот, зашто ионака не знаат што би правеле со него. Затоа за нив и преговарачката рамка е утврдена и сериозна како Библија, а еу емисарите говорат на јазикот на нашиот национален интерес. А ние, глупавите, работиме спротивно на тоа.

386

Морам да повторам една реченица од минатиот пат: ние немаме проблем само со непочитувањето, односно некултурата на другите – во случајов соседите и еу (малите букви се…) – туку еднакво, ако не и многукратно повеќе, со евидентното и громогласно непочитување на самите себеси! И тука, во страотна комбинација, се вклучува и често повторуваната фраза, особено од Брисел, дека се бараат некакви „креативни решенија“ за „случајот“ Македонија. И ние најчесто верувавме во таа фраза, иако таа доаѓа(ше) од тотално некреативни луѓе: Урсула фон дер Лајен, Антонио Кошта, Марта Кос и др. Затоа и тие „решенија“ најчесто пристигнуваа во форма на „ништо помалку и ништо повеќе“, „Не ни треба План Б, туку треба да го испорачаме План А“, „ние ви стоиме на располагање, подготвени да ви помогнеме“, „не може да има гаранции“ итн. И во тој лицемерен магичен круг, којшто претседателката Сиљановска еднаш го нарече „софистицирано евромандаринство“, толку време се врти „креативноста“ на Брисел. Сосе нивната ароганција, се разбира.

И тој дел од „македонската приказна“ и креативните решенија од некреативни луѓе изгледа треба да се остави настрана! Зашто, не е голем проблем нивната очигледна неподготвеност за „креативна соработка“, туку нивната неумесност, непознавање на историјата, недемократичност и веќе помпезно банална апсурдност. При што најстрашен е нивниот очебиен недостаток на основна култура и воспитување, дури и за навидум прозаични нешта – нешта за коишто цивилизираните, демократски или либерално ориентираните луѓе едноставно одбиваат да разговараат. Но, пак ќе речам: не можеме да очекуваме разбирање и логично размислување од луѓе кои се родиле и првите години ги живееле во диктаторски режим, или персони кои и во дваесет и првиот век се поклонуваат пред кралеви и кралици, од некои чии имиња се наоѓаат на разноразни соработнички „списоци“ итн.






Извинете, но Македонија веќе беше поминала цели три децении како демократска држава во рамките на екс-Југославија кога кај почитуваниот Кошта прв пат се отвориле тие и такви хоризонти благодарејќи на воениот удар во Португалија којшто – каков парадокс – ја воведува демократијата во државата! И сега ние со него разговараме за култура, идентитет, демократски процедури… И не, апсолутно не сакам да звучам навредливо, но ако некој во оваа ситуација треба да биде навреден, тоа секако сме – ние.

Иако, ако сакате, лично баш и не се чувствувам навреден од случајни и генерално некултурни типови кои се добрале до некакви политички позиции па сега продаваат памет, целосно несвесни за улогата што ја играат. Или мислите дека се свесни, дека точно ги знаат, или барем ги претпоставуваат димензиите на културната војна што така настојчиво ја наметнуваат?

Меѓутоа, сигурен сум дека домашнава „интелектуална“ клиентела, оваа којашто во стилот на стари баби сретсело се лепи на тие и такви странски притисоци, точно знае каква игра игра. Зашто, прифаќањето на тие и такви еу спонзорирани шарлатански муабети за историјата, за идентитетот и јазикот, на оговарачко-провинциските кокодакања од таквите странски емисари, не е случајно. Па тие, по ѓаволите, најпростачки ликуваат кога државата е навредувана од непристојни странски гости, нивните глупости за нив се „логичен, практичен и дециден“ говор, односно „прилично прецизни“ и „доследни“ (како што посочува потпретседателката на куќниот совет) итн. Прецизни – за што, и доследни – за што?

Прецизни дека ние треба да се коцкаме на невидено со источниот сосед, доследни дека дури не треба ни да прашаме зошто, не пак да размислиме или не дај боже да одбиеме? Тоа ли е логичен, демократски и цивилизиран говор, па дури и „контекстуализиран наратив“ како некаква шарлатанска „поука“ дека „Преговарачката рамка (…) воедно ги утврдува и гаранциите“ (сиц!). Па како оваа „мудрост“ не им текна на „тетка“ Урсула, „социјалистот“ Кошта, „тетка“ Марта…, туку само на нашана „госпожа“ од куќниот совет?

Вакви „наративи“ стануваат наша специјалност. Како и оној дека еу „ја брани Северна Македонија сама од себе“. Настрана што ваквите политиканти упорно си ја понижуваат земјата со она „Северна“, но изгледа дека за таквите и слични локални улични „философи“ и муабетчии еу е нешто големо и значајно, и секогаш во право. Тие дури ѝ го делегираат и својот идентитет, во пакет со нашиот, зашто ионака не знаат што би правеле со него. Затоа за нив и преговарачката рамка е утврдена и сериозна како Библија, а еу емисарите говорат на јазикот на нашиот национален интерес. А ние, глупавите, работиме спротивно на тоа.

И не случајно го спомнувам она „Северна“ бидејќи приказната всушност започна оттаму, но не од онаа 2019 година туку уште од 1992та. Зашто, истите сегашни најагилни и најбезобразни бранители на срамната придавка во таа 1992 година, кога се отвори „спорот“ со името, беа на видни, највисоки државни позиции – разноразни министерчиња и амбасадорчиња – ама не смееа ни да писнат за промена на името. Зашто, удобни им беа фотелјите, нели? Зошто тогаш никој од нив јавно не предложи договор со Грција – којшто, де факто, ќе беше многу поповолен за нас од сегашниов! – а со којшто ние одамна ќе бевме членки на еу, дури и пред Бугарија? Или тогаш не беа така и толку интелигентни да ги согледаат сите „бенефити“ од ова „Северна“? И како, со помош на што, денес се освестија? Иако не се, туку само агендите им се различни. Или тогаш она селското, калкулантското, беше посилно и им шепкаше дека не е опортуно да се отвора тоа прашање? Како сега сите такви протуви отворија толкави усти за „Северна“, а не гледаат дека самите се посипуваат со фекалии!?

Да. знам дека денес тие би се обиделе да „се вадат“ на видоизменети услови (што апсолутно не е точно), на созреана историска ситуација (што е уште поголема лага), на поинаква геостратешка позиција (уште еден блеф)… Но, замислете некој од овие шушумиги да му излезеше на Глигоров, или на Црвенковски, со таков предлог? Ќе ги голтнеше политички мрак, а тие не беа подготвени да се коцкаат со својот задник. Со туѓиот – може, во секое време!

Но не само тие, се разбира, иако токму тие имаа некаква политичка моќ барем да сугерираат решенија. Зошто овие другиве шалабајзери, на пример оној кој се уби дремејќи во Парламентот цел мандат, не стана јавно да каже „дајте Северна“ па да одиме во Европа, или барем некаква „рамка“, нека е дури и француска? Или „госпожана“ за која, одеднаш, денешниве „контекстуализирани наративи“ се некаква гаранција, ама во едно друго време беше буквално безгласно-безлична буква? Од каде сега оваа нивна „сила“, толку години ли им требаа малку да пораснат? Или нешто друго е во игра?

П.С.

Она што веќе утре треба да се очекува се „коментарите“ за фотографијата од Самитот во Тирана каде македонскиот премиер е во последниот ред. И замислете какви сѐ зајадливи „креативни“ прашања и констатации ќе се излеат во јавниот простор од оние шутраци и на нив сличните. Небаре е некаква доблест да стоиш до оној „Микрон“, „зеленион“ Зеленски или (повторно) до Кошта. Ама не знам како ќе се „вади“ и што ќе дрдори старион кафеански „дописник“ кој нон-стоп прашуваше за фамозниот договор што премиерот го најави пред месец-два.

Поврзани содржини