СИВАТА ЕКОНОМИЈА ПРЕТРПУВА СИЛЕН УДАР Ги зајакнуваме работничките права, порача Бојан Стојаноски
Со новиот Закон за работно ангажирање на лица односно за сезонско и привремено ангажирање, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а поддржан од повеќе парламентарни партии, конечно ставаме крај на долгогодишната пракса на неформално вработување – за првпат по повеќе од три децении, порача пратеникот Бојан Стојаноски.
– Со законот овозможуваме флексибилност, со цел работодавачите да можат да пријават лица кои се ангажирани на периодична или сезонска работа, а работниците да ги уживаат сите законски права, вклучувајќи пензиски и здравствени придонеси. Ова креативно законско решение е од особена важност за сезонските работници во земјоделството, угостителството и сервисните дејности. Важно е и за студентите, за средношколците, за само-вработените, за вработените, пензионерите, за земјоделците. За да имаме особено квалитетен закон, во Собранието за него одржавме и јавна расправа, на кои беа прифатени забелешки од Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование како и експерти и невладини организации. Подобрувања вметнати преку 33 амандмани, кои дојдоа од различни партии – рече Стојаноски.
Дополнително, додаде тој, оние лица кои ќе бидат пријавени преку овој закон, нема да ги изгубат веќе стекнатите права, како социјална помош, надоместок поради невработеност, семејна и старосна пензија, стипендија или правото на редовно студирање.
– За непречено спроведување, ја прошируваме надлежноста на Агенцијата за вработување. Предвидено е воведување на дигитален регистар и современо софтверско решение што ќе овозможи пријавување на работници преку интернет – брзо и едноставно, за само неколку минути. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија”, продолжува со своите заложби за подобрување на положбата на работниците, унапредување на деловното опкружување, зголемување на јавните приходи, како справување со недостигот на работна сила – рече пратеникот.