🎥 ДВА ФАКТОРИ БИЛЕ ПРЕСУДНИ ЗА БРЗОТО ШИРЕЊЕ НА ПОЖАРОТ Би-Би-Си со реконструкција на трагедијата во Кочани
Таванот и ѕидовите од запалив материјал биле причина за брзото ширење на пожарот. Недостатокот на алтернативен излез довел до паника и стампедо меѓу присутните, се наведува во видеото на Би-Би-Си.
Би-Би-Си направи детална реконструкција на трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, анализирајќи ги причините за големиот број жртви во несреќата.
Во анализата се потенцира дека објектот, кој претходно служел како магацин за теписи, немал соодветна лиценца за работа како ноќен клуб.
Од Би-Би-Си наведуваат дека два фактори биле пресудни за брзото ширење на пожарот и големиот број загинати.
Според објавеното видео, огнот започнал за време на настапот на групата „ДНК“, кога пиротехнички средства поставени пред сцената предизвикале пламен кој набргу се проширил во објектот.
Присутните веднаш се обиделе да го изгаснат пожарот со противпожарни апарати, но без успех. Првиот фактор кој го издвојува Би-Би-Си е што таванот бил направен од запалив материјал, а ѕидовите од гипс картон немале отпорност на оган, што довело до исклучително брзо ширење на пожарот.
Вториот клучен фактор е недостатокот на доволно излези за евакуација. Иако објектот имал околу 500 гости, властите потврдиле дека постоел само еден функционален излез, и тоа истиот преку кој луѓето влегле во клубот.
Според обвинителството, задната врата, која би требало да биде излез за итни случаи, во тој момент била заклучена и немала рачка од внатрешната страна, со што било невозможно нејзино користење.
Поради тоа, стотици присутни морале да излегуваат низ истиот тесен простор низ кој и влегле, предизвикувајќи паника, стампедо и голем број смртни случаи.
Видеото на Би-Би-Си погледнете го ТУКА.