За да не заборавиме – мораме да се промениме

Постоењето и сакањето ред и систем е прашање на цивилизациска, културна и морална амбиција, на созреана свест, на колективен напор. Мора повеќето да го посакуваат тоа, да го прават тоа, да го бараат тоа и да го одржуваат тоа. Само од себе не доаѓа, само од политика не се раѓа, па конечно и тие во политика од народ извираат. Ама треба и некој доблесен што стигнал погоре, да се обиде тоа да го наметне, ама треба да има и некој што тоа ќе го следи и почитува.

763

Моралот, правдата и правдината во оваа земја се како пожарникарите – доаѓаат кога човечката грешка или негрижа веќе го распламтила огнот, пишува Ивор Мицковски во колумна за Доојче веле.

Не можеме сѐ да решаваме, односно да нерешаваме – отпосле. Ние секогаш бараме правда, гледаме грешки, се индигнираме откако автодисциплината, моралните кочници, почитувањето на законите и на човекот до нас, правото и слободата да не се учествува во криминал и валкани игри – одамна отишле по ѓаволите.






Веќе е здодевно да се нотира, етички руини сме, доминирани од алчност, насилство, негрижа и себичност. А етиката не е само пренадуен збор, туку секојдневна нужност, превенција, практично помагало, основа на соживотот, грижа за другиот, заштитник од силеџии и несреќи.

Гориме во пекол на неодговорност

Имаме и ќе имаме милион дебати допрва, силни заложби, селективни и задоцнети правди, купишта и купишта зборови, кои евентуално ќе нѐ оддалечат од реалната состојба на нештата. Проблемот е пожарот! Проблемот е дека нашата заедничка куќа, дом или штала од држава, гори со години и кога веќе ни ги допре и одзеде и најмладите, значи дека ги допира и уништува сите генерации. Значи дека пожарот сѐ уште гори. Проблемот е што гориме во еден пекол на неодговорност и дека неговите пропорции се толкави, што по којзнае кој пат изостанаа сите мерки на претпазливост, јавната грижа и интелигенција, дури и најобичниот комон-сенс кој би ни дозволил да живееме како заедница која ги ограничува страдањата и загубите на човечки животи. Но, сѐ ова ние и предобро го знаеме.

Не може нашиот систем да се среди само политички и правно, каде инаку довербата е најниска, ова може да се среди со политичка, ментална, културна и морална револуција на целото општество, на секој поединец, на секој функционер. Не само со антибирократски револуции како што замислува власта.

И таа револуција не може да биде парцијална, не можеме повеќе од парцијален морал или морализаторство, од полувистини односно од невистина, од делумна правда која не важи подеднакво за сите, каде мнозинството е опортунистичко, навивачко, партизанско и партиско, каде постои за своите, ама не за другите. Ни треба тотален, апсолутен и искрен морал и тотално почитување на законите и Уставот, на јавното добро. Постоењето и сакањето ред и систем е прашање на цивилизациска, културна и морална амбиција, на созреана свест, на колективен напор. Мора повеќето да го посакуваат тоа, да го прават тоа, да го бараат тоа и да го одржуваат тоа. Само од себе не доаѓа, само од политика не се раѓа, па конечно и тие во политика од народ извираат. Ама треба и некој доблесен што стигнал погоре, да се обиде тоа да го наметне, ама треба да има и некој што тоа ќе го следи и почитува.

Нас буквално нѐ убива клиентелизмот

„Ќе немаше олку крв ако сѐ беше по закон“ – беше една од најспоменуваните пароли во овие траорни денови. Партизираната и корумпирана држава ја убива или истерува надвор критичната маса од нашето општество, оневозможувајќи ни да ја преобратиме и реформираме земјата, да изградиме базични и функционални институции и принципи кои би нѐ воделе кон некаков напредок. Нас буквално нѐ убива клиентелизмот и културата на корупција која има навлезено во секоја пора од општеството и од нашето практично живеење.

Таа коруптивна (не)култура нема да биде надмината само преку кривично-репресивниот механизам кој сега наголемо ни се ветува и кој во едно општество би требало да биде „extrema ratio“. Потребна ни е и институционална превенција, но најмногу од сѐ потребно ни е градење и промовирање кај граѓаните на една „култура на легалност и на морал“.

Тоа се прави преку инвестирање и реформирање пред сѐ на основните постулати и клучните механизми кои создаваат здрави луѓе и здрава нација, преку грижа за образованието, животната средина, урбанизмот, здравството, културата и јавното добро. Мораме повторно или одново да си дадеме некаква заедничка смисла и цел, да се заложиме за севкупен напредок.

Да се занимаваме со политика без да ѝ припаѓаме 

Нашиот труд мора да се темели на четири клучни основи.

Првиот е да градиме култура на отпор, каде критиката ќе биде основа на демократскиот метод. Тоа не е лесно во едно конформистичко општество, каде е тешко да му се каже „не“ на кој било моќник, бил тој поголем или помал. Затоа треба да се градат антитела против конформизмот, против менталитетот на само партиска или клановска припадност, против „погрешната“ верност и лојалност. Треба да научиме да кажуваме – „не“! Не за притисоците и не за услугите. Борбата против корупцијата мора да биде и борба за една поинаква политика. Од тој аспект мораме да го напуштиме политичкиот, партискиот или парламентарниот кариеризам. Политиката кај нас од јавна грижа се претвори во приватна професија, во работа, во извор на приходи и богатење. Јас не знам кој е институционалниот метод тоа да се надмине, но мора да почнеме да правиме и да се занимаваме со политика – без да ѝ припаѓаме на политиката.

Политиката и граѓаните мора да зборуваат на ист јазик

Потребна ни е транспарентност во политиката. Треба да ги владееме информациите, за да се спротивставиме на монополите, на конфликтите од интерес, на цензурата и на пропагандата. Еден од главните проблеми тука не лежи само во поделбите, туку и во судирот помеѓу јавниот и приватниот диксурс. Во една макијавелистичка гротеска, ништо од тоа што се одлучува и кажува во салите на моќта, не се зборува потоа во јавноста, и обратно. А, притоа, сите знаеме сѐ во оваа мала земја, ама бираме да премолчиме, да затвориме око, да свртиме глава или да спуштиме поглед. Мора политиката и граѓаните да почнат да зборуваат на ист јазик. Оттука, повеќе не е доволно да говориме само „против“ нешто, туку и „за“ нешто, и така да го помириме и изедначиме јавниот и приватниот дискурс.

Да ги применуваме законите

Третиот основ е да се почитуваат законите и Уставот, не само да ги браниме, туку активно да ги применуваме и унапредуваме. Видовме до каде нѐ доведе непочитувањето. Мора и граѓаните, но и партиите, биле од опозиција или власт, да бидат способни да произведуваат идеи, проекти, закони, да ги развиваат и унапредуваат правата, но и обврските на сите во оваа земја.

Не може секој будала да одлучува

И конечно, ни треба почитување на правилата, односно на правилата на игра. Не може секој будала да одлучува и да ги прекројува или прекршува правилата како ќе му текне. Не може еднаш да се менува Кривичниот закон за зајакнување на неодговорноста и неказнивоста, па другпат Изборниот законик, со кој се отежнува процесот за кандидирање независни листи на пратеници, како и на независни листи за советите во некои општини. Не може секогаш на луѓето да им се отежнува секој аспект од егзистенцијата или борбата, затоа што некој или секој одлучил да им одзема сѐ поголем дел од нивниот суверенитет или од нивното право на ангажирање. Мора да градиме јасни правила и потоа да ги почитуваме.

За крај би рекол дека потиснати од безнадежноста, од една постојана емотивна и психолошка истрошеност и навикнатост на несреќи и трагедии, за ова да не се претвори во трајна помирливост со незавидната судбина, мораме да се тргнеме и да пронајдеме сила за освестување.

Можеби за промена наместо да живееме во некоја состојба на квази нормалност, треба да почнеме, а тука мислам и на властите, да работиме во една клима на итна и извонредна узбуна, за да почнеме да ги решаваме наталожените проблеми. Само така одржуваме внимание на реалните проблеми и не им оставаме простор на властите, партиите и кримосите, премногу да се раскомотат. Нормалноста не е за нас, зашто таа е коруптивна, мрзлива, скриена од јавноста, а јавноста скриена и оттргната од јавното, секој зафатен со својата приватност и борба за гол живот. Се покажало дека најголемите „промени“ ако така може да се каже, ги правиме само кога сме приморани, немирни, концентрирани на проблемите, кога има некое триење и отворен и манифестиран немир.

Промената на власт кај нас никогаш не донела подобро

Па тоа ни го покажуваат и српските студенти, иако работите меѓу нас и нив се различни. Но, тие сега го будат општеството кое ќе треба да го отстрани и замени автократот. Ние немаме таква автократија, но имаме ист, ако не и полош корумпиран и нефункционален систем. Српското општество овие 4 месеци се лекува, како да е на терапија за лекување од лудило, и тоа се прави само затоа што веќе никој не молчи и никој ништо не крие, туку се соочува со наталожените проблеми. Нам не ни треба акција за туркање власт, зашто промената на власт кај нас никогаш не донела подобро, едни казнуваме за други да дојдат и пак тие да нѐ казнат. Нам ни треба акција на подолг период за да ги примораме властите да почнат да менуваат работи и да не помислат повеќе да инвестираат во истиот хаос и нефункционалност.

Повеќе не е доволно од избори до избори да имаме глас и демек нешто да менуваме. Потребна ни е партиципативна и директна демократија за безброј прашања. Но, тоа не е лесно зашто власта овие 30 години ги поклопи и ги ограничи сите форми на независно граѓанско делување. Но, мораме да изнајдеме сила и поттик за постојаното дејствување. Можеби некаде со пленуми, некаде со локално организирање на народ, некаде со неформални граѓански иницијативи, но нешто што би имало поредовен или перманентен карактер за вршење притисок и што би можело да им конкурира на партиите и нивните машинерии. Во Србија тоа се вика „народни збор“, а кај нас би било „собир на граѓани“, но не само за протести, тука како активна форма за мобилизација на граѓаните за решавање на одредени проблеми. Таа законска форма на самоорганизирање постои и кај нас, но е крајно непрактична и отежната. Па сепак, од некаде мора да се почне, можеби токму од создавање услови во коишто граѓаните ќе можат да се самоорганизираат на едноставен начин, а државата да биде должна да одговори. Еве им задача и на властите и на опозицијата.

 

Поврзани содржини