ЛЕВИЦА МУ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА НА ДРАНГО ЗА НЕЗАКОНСКИОТ ЛОВ НА МЕЧКА Се бара и негово разрешување од функцијата

Од партијата го повикуваат обвинителството во Битола да презентира информација до каде е обвинителниот акт против заменик-директорот на „Македонија пат“.

143

Партија Левица поднесе кривична пријава против заменик-директорот на „Македонија Пат”, Сашо Дранго, поради сторено кривично дело незаконит лов, казниво по член 238 ст.(4) од Кривичниот законик.  Партијата бара и негово разрешување од функцијата.

-Пријавениот во декември 2024 година, додека бил на лов, иако како ловец знаел или требало да знае дека согласно Законот за дивечот и ловството трајно е забранет ловот над мечките кои се класифицирани како дивеч под заштита и чиешто ловење е дозволено само со дозвола на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во исклучителни случаи, а за време на кривичниот настан Министерството нема издадено таква дозвола, но и покрај тоа уловил редок дивеч-мечка и воедно со истиот улов се фотографирал во знак на „триумф” – велат од партијата.






Партијата бара тој да биде разрешен од функцијата.

– Иако јавноста бурно реагираше после објавените фотографии на заменик-директорот од ДПМНЕ, скандалозно е што истиот сѐ уште не е разрешен од неговата функција. Иако и премиерот (Христијан) Мицкоски изјави дека не верува во верзијата која Сашо Дранго ја пласираше во јавноста, сепак пријавениот и понатаму врши јавна функција, со очигледно нарушен кредибилитет и углед во јавноста. Додека новата влада постојано ветува дека никој не смее да биде над законот, очигледно тоа не важи за кадрите на ДПМНЕ; кои „гордо” се сликаат при флагрантно вршење на кривично дело. Левица ја повикува Владата што поскоро да го разреши пријавениот од функцијата заменик-директор на „Македонија пат”, наместо да го штити неговото дивеење – велат од Левица.

Од партијата го повикуваат обвинителството во Битола да презентира информација до каде е обвинителниот акт против Дранго

– Дополнително, иако два месеци се изминати од кривичниот настан, јавноста нема никаква информација дали ОЈО-Битола поднело обвинителен акт против лицето Сашо Дранго. Сето ова укажува дека власта на Мицкоски сака да го забошоти овој случај и нивниот партиски кадар воопшто да не одговора. Левица будно ќе го следи овој случај со цел правосудните органи, под влијание на власта, да не се обидат да го заштитат заменик-директорот Дранго, кој дефакто е фатен во вршење кривично дело – велат од Левица.

Поврзани содржини