СЕМЕЈСТВОТО НА ФРОСИНА ПОРАЧУВА ДЕКА ПРОТЕСТОТ НЕ Е ПРОТИВ ВЛАДАТА „Гнојот во општеството доаѓа од судството“
Бараме Владата да продолжи да нè поддржува нас како семејство, но и да ги поддржи барањата што ќе произлезат од протестите, а истото го бараме и од опозицијата, вели Росица Кулакова, сестра на загинатата Фросина Кулакова, која беше прегазена на пешачки премин.
Протестот кон кој ќе се приклучиме утре не е против Владата, туку е протест на тагата, вели Росица Кулакова, сестра на загинатата Фросина Кулакова, која беше прегазена пред две недели на булеварот Партизански одреди, на пешашки премин, од младиот возач Васил Јованов.
Сестрата на 22-годишната Фросина вели дека ѝ се благодарни на Владата.
– Ние како семејство јавно се заблагодаривме и сме благодарни на досегашната поддршка од Владата. Не протестираме против Владата, напротив, бараме да продолжи да нè поддржува нас како семејство, но и да ги поддржи барањата што ќе произлезат од протестите. Истото го бараме и од опозицијата – вели таа во соопштение до медиумите.
На протестот под мотото „Кој е следен“ ќе биде побарано да се променат законите, а крајот е пред Апелацискиот суд во Скопје.
– Бараме да се свестат дека гнојот во општеството доаѓа од овде. Бараме да сфатат дека и тие се дел од народот. Бараме судската власт да престане да ги брани нечесните меѓу нив, а веруваме дека сите судии и обвинители не се исти – вели Кулакова.