НОВИ ЦЕЛИ, ПОГОЛЕМИ БУЏЕТИ И НА ГОТОВС ЗА МОЖЕН КОНФЛИКТ Членки на НАТО ќе го забрзаат зајакнувањето на своите воени капацитети

Холандскиот адмирал, Роб Бауер, одби да прецизира бројка, но рече дека целта на забрзувањето на договорот за целите е да се осигура дека сите ја разбираат врската со парите бидејќи потребите на Алијансата веќе биле разјаснети со новите одбранбени планови.

219

Германија, Полска, Велика Британија, Франција и Италија што е можно поскоро ќе ги имплементираат новите цели на НАТО за вооружување и за бројот на вооружени сили кои ќе бидат договорени летово, изјави германскиот министер за одбрана, Борис Писториус.

Зборувајќи по состанокот со четворица негови колеги во полскиот град Нова Вис, Писториус ја поздрави одлуката на НАТО да се договори за новите цели на Алијансата во јули наместо во октомври, како што беше првично планирано, додавајќи дека потегот е поттикнат од барањето на Германија.






– Ова ни купува многу време и можеме да почнеме со имплементација многу порано – рече Писториус.

Министрите за одбрана на НАТО ќе се обидат да постигнат договор за нови цели за воени капацитети пред да се сретнат нивните лидери во Хаг од 24 до 26 јуни, според изјавата на шефот на воениот комитет на алијансата, холандскиот адмирал Роб Бауер, во интервју за Ројтерс.

– Ќе бараме договор пред самитот во Хаг за да се осигураме дека доколку има дополнителни тешкотии и доколку е потребно, лидерите ќе можат да ги решат тогаш – додаде тој.

Лидерите на НАТО минатата година се согласија на илјадници страници одбранбени планови кои, првпат по Студената војна, детално објаснуваат како Алијансата ќе одговори на руски напад. Сепак, документите открија значителен недостиг на противвоздушна одбрана и на ракети со долг дострел; недостиг на работна сила; на муниција и на капацитет за безбедна дигитална комуникација на бојното поле; како и логистички тешкотии. Недостатоците треба да се поправат со нови цели кои првично требаше да бидат договорени на состанокот на министрите за одбрана на есен 2025 година.

На самитот во Хаг, лидерите ќе разговараат за зголемување на процентот од БДП што земјите членки на НАТО го издвојуваат за одбрана, а кој сега е 2%, при што некои експерти споменуваат 3% како потенцијална нова цел. Доналд Трамп, кој се враќа во Белата куќа на 20 јануари, неодамна спомена цел да се достигнат 5%.

Бауер одби да прецизира бројка, но рече дека целта на забрзувањето на договорот за целите е да се осигура дека сите ја разбираат врската со парите бидејќи потребите на Алијансата веќе биле разјаснети со новите одбранбени планови.

– Разликата е во она што треба да се купи, а тоа е она што ќе го решат целите на новите воени капацитети. Тоа ќе им помогне на луѓето да разберат зошто ни се потребни повеќе од 2% – рече адмиралот.

За време на Студената војна, сојузниците на НАТО трошеле во просек меѓу 3 и 6% од својот БДП за одбрана.

– Ако продолжевме да трошиме, како сојуз, колку што трошевме на почетокот на 1990-те, што беше на ниво од 3%, ќе потрошевме 8,6 трилиони долари повеќе одошто трошиме сега. Тоа е во основа мировна дивиденда што сега треба да ја финансираме – заклучи Бауер.

НАТО ГО ОТФРЛИ ПРЕДЛОГОТ НА ТРАМП, НО ЌЕ ТРОШИ ПОВЕЌЕ ЗА ОДБРАНА Се очекува зголемување на прагот од 2% од БДП за земјите од сојузот

Поврзани содржини