ЈАНКУЛОСКА ОСЛОБОДЕНА ЗА „ТВРДИНА“ За Грујевски 14 години затвор, a за Бошковски 9

Обвинетата Гордана Јанкулоска се ослободува од обвинение бидејќи јавниот обвинител не успеа да докаже надвор од разумно сомневање дека обвинетата го сторила делото за кое се обвинува, рече судијата Илија Трпков.

1,659

Кривичниот суд во Скопје денеска донесе пресуда за случајот „Тврдина“, кој се однесува на уништувањето на опремата за прислушување.

Ексначалникот на Петтата управа Горан Грујевски, шефот на кабинетот на поранешниот директор на УБК Тони Јакимовски, вработениот во УБК Никола Бошковски и Валентина Симоновска беа прогласени за виновни, додека поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, беше ослободена од вина.






Грујевски, кој е во бегство, доби казна затвор од 14 години и шест месеци за злоупотреба на службената положба и овластувања, како и за фалсификување службена исправа.

Никола Бошковски, исто така вработен во УБК и во бегство, беше осуден на 9 години и 10 месеци затвор за истите обвиненија.

Јакимовски доби казна затвор од 3 години, додека Валентина Симоновска доби условна казна од 2 години, но условната казна нема да биде извршена доколку таа не стори ново кривично дело во рок од 5 години.

Во однос на Гордана Јанкулоска, судијата Илија Трпков истакна дека обвинението против неа не било докажано.

– Обвинетата Јанкулоска се ослободува од обвинение бидејќи јавниот обвинител не успеа да докаже надвор од разумно сомневање дека обвинетата го сторила делото за кое се обвинува – рече судијата.

Јанкулоска сега тужи во Граѓански суд и бара виновник за прислушувањето.

– Ако не во кривична постапка, се надеваме дека во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушувањето и да се надомести нематеријалната штета која Гордана Јанкулоска ја има претрпено како една од најголемите жртви на прислушувањето – рече нејзиниот адвокат Влатко Илиевски.

Таа како министерка немала информација дека била уништена опремата за прислушувањето, бидејќи кога стигнал извештајот – таа била еден ден пред заминувањето од позицијата.

Исто така, судот пресуди Грујевски, Јакимовски и Бошковски да ја надоместат причинетата штета во износ од 87.422.668 денари. Обврската за исплата мора да биде исполнета во рок од три месеци.

Пресудата е донесена по повеќегодишен судски процес што го привлече вниманието на јавноста поради сериозноста на обвиненијата и учеството на високи функционери во случајот.

Поврзани содржини