КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ИНСПЕКТОРОТ ШТО ГО ИСТЕПА НАЧАЛНИКОТ НА ПОЛИЦИЈАТА ВО РАДОВИШ Полицаецот ќе биде суспендиран додека трае постапката
Инспекторот за недозволена трговија со дрога и оружје Б.И. (39) од село Дедино на 20 декември го нападнал началникот на Одделението за внатрешни работи Радовиш О.Г (43) на неговото работно место и му нанел телесни повреди.
МВР поднесе кривична пријава против полицискиот инспектор кој лани на 20 декември физички го нападна началникот на полицијата во Радовиш.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против Б.И. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело напад на службено лице при вршење на работи на безбедноста, по член 383 став 2 од Кривичниот законик. Пријавениот Б.И. кој е самостоен инспектор за недозволена трговија со дрога и оружје во Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш во ОВР Радовиш, на 20.12.2024 во службените простории на Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш физички го нападнал началникот на ОВР Радовиш О.Г“, соопшти МВР.
Внатрешната контрола во полицијата против инспекторот ќе покрене дисциплинска постапка и ќе му изрече суспензија од работното место.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работно место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка“, додава МВР во соопшението.
Полицијата во билтенот од 21 декември соопшти дека е уапсен инспекторот Б.И. (39) од село Дедино, радовишко, откако бил пријавен дека физички го нападнал О.Г (43), кој е началник на Одделението за внатрешни работи Радовиш.
Според соопштението, началникот пријавил дека во службените простории на полициската станица инспекторот агресивно се однесувал кон него. Началникот извршувал службени задачи, а во еден момент инспекторот физички го нападнал и му нанел телесни повреди.