НЕМА ПОДДРШКА ЗА 4-ТЕ ИНТЕРПЕЛАЦИИ ОД ДУИ, НЕИЗВЕСНО КАКО ЌЕ ПОМИНЕ ГЛАСАЊЕТО ПРОТИВ ДАУТИ Пратеничката Ајдари ги оправда иницијативите со наводно нарушен меѓуетнички соживот

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, СДСМ и Левица најавија дека нема да ги прифатат интерпелациите поднесени против вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени., додека за интерпелацијата на Даути најавија дека ќе биде изграден став пред денешната седница.

686

Владата не успеа да обезбеди меѓуетнички соживот по случувањата поврзани со прославата на Денот на албанското знаме, кои ја разнишаа стабилноста и меѓуетничката хармонија во земјава – вака пратеничката Рина Ајдари ги образложи предлозите за четирите интерпелации поднесени од Европскиот фронт против работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.

За интерпелацијата против Меџити, таа посочи дека тој не ги заштитил интересите на албанската заедница и толерирал дискриминација, игнорирајќи ги неправдите кон Албанците.






– Меџити молчи за дискриминацијата и за понижувањето што ги доживеа албанската заедница и не ги искористи овластувањата за да обезбеди еднаков третман за сите граѓани. Неговите изјави кои помогнаа да се поддржи селективниот пристап кон меѓуетничките настани јасно го демонстрираат неговиот неуспех да управува со ситуацијата еднакво и правично. Наместо да помогне во создавање можности за меѓуетнички дијалог, тој придонесе за ескалација на кризите – рече Ајдари.

За работата на Тошковски и Исеини таа истакна дека спречиле мирна и традиционална прослава на Албанците, која, според неа, секогаш била во празнична атмосфера секаде каде што живеат Албанци. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред, според пратеничката, поттикнала конфронтации и ескалација на тензиите.

Во врска со интерпелацијата против работата на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, Ајдари рече дека тој бил против гласањето на заедничката резолуција со која масовните убиства во Сребреница беа признати како геноцид и изразувал ставови против жртвите на геноцидот.

Освен овие 4 интерпелации, денеска ќе се разгледува и интерпелацијата поднесена од Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути од Европскиот фронт.

Мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ, пратениците од коалицијата Вреди, СДСМ и Левица најавија дека нема да ги прифатат интерпелациите поднесени против четворицата актуелни владини министри, додека за интерпелацијата на Даути изјавија дека ќе биде изграден став пред денешната седница.

Според собранискиот Деловник, дебатата и гласањето за интерпелациите ќе бидат поединечни, а гласањето треба да заврши пред полноќ.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на последната предновогодишна средба со новинарите рече дека интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ, туку повеќе е демократска алатка за политичка дискусија околу една тема, околу еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски деновиве рече дека за време на дебатата за интерпелациите на Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и Исени очекува неосновани критики и напади што ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција.

Од коалицијата Вреди велат дека нема да влетуваат „во замката на пратениците на ДУИ кои сакаат со интерпелациите да го отргнат вниманието на јавноста од вистинските прашања, како огромните корупциски скандали во нивните редови“.

Вицепремиерот Меџити вчера коментираше дека поднесувањето интерпелација против неговата работа е демократски чекор што опозициската партија го користи само за партиска корист и спротивно на државните интереси.

Пратениците од Левица, пак, очекуваат широка поддршка во Парламентот за интерпелацијата против Илире Даури, имајќи предвид дека таа ги блокира измените на Законот за бранителите, кој го оредложи СДСМ, а доби поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ.

Интерпелацијата за Даути е прва точка на дневниот ред.

Веднаш по полетокот на седницата пратеникот Борислав Крмов побара пауза од еден час. Седницата ќе продолжи во 13 часот.

Поврзани содржини