ФИЛИПЧЕ БАРА РЕАКЦИЈА ОД СОФИЈА, ОД ВЛАДАТА И ОД ЕУ ЗА ПРОВОКАЦИИТЕ НА КОСТАДИНОВ „Секој обид за негирање на македонската посебност е неприфатлив“

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на својот профил на Фејсбук напиша дека очекува македонската влада итно да соопшти конкретни мерки за спречување на ваквите иредентистички изјави и активности и да преземе активности за заштита на македонското национално достоинство и интереси.

798

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги осуди иредентистичките изјави на претседателот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, кој побара Бугарија да ја присоедини Македонија, затоа што тоа биле „две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и народ“.

Филипче побара реакција од Софија и осуда од страна на Европската Унија.






„Најостро ги осудувам иредентистичките изјави на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, со кои тој го поткопува суверенитетот и достоинството на Република Северна Македонија и го негира посебниот македонски етнички идентитет. Негирањето на посебноста на македонскиот јазик, идентитетот и историјата претставува директно кршење на принципите на меѓународното право и на основните вредности на Европската унија“, наведува Филипче на својот профил на Фејсбук.

Повикувам и очекувам официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство, додаде Филипче.

„Ја повикувам Европската Унија јасно да го осуди ваквиот однос, кој ги поткопува универзалните човекови права и европските вредности и да покаже дека ваквите изјави немаат место во ЕУ“, напиша Филипче.

Тој додаде дека очекува македонската влада итно да соопшти конкретни мерки за спречување на ваквите иредентистички изјави и активности и да преземе активности за заштита на македонското национално достоинство и интереси.

„Секој обид за негирање на македонската посебност е неприфатлив и директно спротивен на европските вредности за почитување на различностите“, потенцира претседателот на опозициската СДСМ.

Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарската бугарска партија „Преродба“, Костадин Костадинов ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Костадинов ги поддржува изјавите на новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп за Канада и Панамскиот канал, и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија.

Партијата „Преродба“ стана трета политичка сила во  бугарскиот парламент на последните парламентарни избори во Бугарија, откако доби 12,92 отсто од гласовите. Од вкупно  240 пратенилки места, „Преродба“ има 35.

Поврзани содржини