ЌЕ ЗАТВОРИМЕ СЀ ВО НЕДЕЛА КАКО БОГАТИТЕ ВО ЕВРОПА ИЛИ ЌЕ ДОЗВОЛИМЕ ДА СЕ РАБОТИ ЗА ПОВЕЌЕ ПАРИ Владата ќе ја решава дилемата на првата седница на Економско социјалниот совет
Според премиерот, сегашните решенија во законот не овозможуваат еднаквост на сите субјекти.
Владата планира на следната седница на Екомско-социјалниот совет да ја покрене темата за измени на Законот за недела неработен ден, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој рече дека планот е да се слушне мислењето на работниците и работодавачите околу ова прашање.
-Имам лична дилема околу тоа. И денеска, недела е неработен ден. Еве вие новинарите, ако има настани во недела ги следите, значи работите. Според тоа лага е дека недела е неработен ден. Вака како што е направен законот, со квадратура на површини и дејности и не се сите еднакво вреднувани. Така што или никој да не работи како во некои градови во централна Европа каде што се се затвора во сабота попладне, а се отвора во понеделник наутро, освен за некои итната служба или ќе се остави можност да се работи во недела со одредена дневница – рече Мицкоски.
Тој додаде дека треба да се има предвид состојбата во земјата, а не да се следат богатите европски метрополи.
-Или ништо да не работи, ако мислиме дека сме толку богата држава, или пак да се остави можност да се работи, а работодавачите да бидат обврзнани да даваат двојна тројна дневница на сите оние кои ќе сакаат да работат во недела и да заработат. Но, оваа тема ќе ја отвориме на следниот Економско-социјален совет – рече Мицкоски.