СДСМ БАРА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ, НО ВЛАСТА ОДБИВА Непотребен буџетски товар, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

Од СДСМ и денеска излегоа со повик до Владата доколку е подготвена за предвремени парламентарни избори да го направат тој чекор, а од Владата одговорија дека предвремените избори се дополнителен трошок.

101

Владата останува на ставот дека не треба да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври идната година, истакна портпаролката Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Притоа не ги коментираше ставовите на опозицијата дека Владата во изминативе пет месеци не направила ништо за граѓаните, ниту пак за заклучокот од средбата меѓу претседателот на ДУИ, Али Ахмети и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас дека за доброто на државата заедно со локалните треба да се случат и парламентарни избори.






– Како Влада остануваме на ставот дека предвремени избори се само дополнителен трошок – одговори Митева.

За ставот на опозициската СДСМ дека шпекулациите за раскол во партијата доаѓаат од кујната на власта, од Владата немаат коментар.

– Очигледно станува збор за политичка опција во којашто се случуваат многу голем број на проблеми, но како влада нема да коментираме за тоа што се случува во рамки на нивната политичка партија – рече владината портпаролка Марија Митева.

Од СДСМ и денеска излегоа со повик до Владата доколку е подготвена за предвремени парламентарни избори да го направат тој чекор, а од Владата одговорија дека предвремените избори се дополнителен трошок.

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес-конференција во седиштето на партијата повтори дека се подготвени за избори.

– Мицкоски во изминатите денови гледаме дека излегува со различни изјави. Еднаш повика на предвремени избори, вчера гледаме еден вид на ретерирање од таа изјава. Ние сме подготвени за избори, доколку и власта е спремна за тоа, нека го направат тие тој чекор – рече Кузеска.

Премиерот Мицкоски во изјава за медиумите дадена вчера во Скопје рече дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да оди на избори, но дека прашањето е дали е потребно да се потрошат дополнителни 10 милиони евра за избори, пари на граѓаните. Посочи дека во тој период ќе застане системот, нема да се испорачуваат реформи, за да, како што посочи, „уште еднаш СДСМ се соочи со уште еден голем пораз“.

– Овој пат мислам дека ќе биде поголем од тој што го имаа пред шест месеци. Или да избереме опција да работиме четири години и да ги засукаме ракавите за доброто на граѓаните. Јас би ја избрал втората опција. Затоа реков мандатот на оваа Влада на граѓаните што го доби е четири години. Дали сме подготвени? Утре да одиме, подготвени сме, нема тоа никаков проблем. Но, ние носиме одлуки што се во интерес на граѓаните, не во интерес на љубители на естрада – рече Мицкоски.

Според него, локалните избори што треба да се одржат следната година, се можност партиите да видат каква доверба имаат кај граѓаните. На опозициските партии им порача програмски и кадровски да се освежат.

Прашањето за предвремени парламентарни избори се отвори на првата собраниска седница посветена на пратенички прашања кога како одговор на лидерот на СДСМ Венко Филипче, премиерот Мицкоски рече дека може да одат на избори, но да не се покајат од СДСМ за тоа.

– Ако сакате да одиме на избори, да се провериме. Заедно со локалните (избори), може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но да не се удавите во длабокото, каде што ве носат – рече Мицкоски откако лидерот на СДСМ од собраниската говорница го повика да го врати мандатот.

Поврзани содржини